Американските адвокати на основачот на Викиликс Џулијан Асанж објавија дека поднеле тужба против ЦИА и нејзиниот поранешен директор Мајк Помпео, обвинувајќи ги дека ги снимале нивните разговори и копирале содржина од нивните телефони и компјутери.
Адвокатите и двајцата новинари кои се приклучија на тужбата се Американци и тврдат дека ЦИА им го прекршила уставното право на заштита на приватни разговори, во случајов со Асанж, кој е Австралиец.
Тие тврдат дека ЦИА соработувала со безбедносната компанија Undercover Global, која била ангажирана од амбасадата на Еквадор во Лондон каде се криел Асанж, за да го шпионира него, како и неговите адвокати, новинари и други луѓе со кои се сретнал.
Според адвокатот Ричард Рот, кој ги застапува тужителите, тоа значи дека правото на Асанж на правично судење е „повредено, ако не и ништовно“, бидејќи „владата ја знае содржината на тие разговори“.
Асанж ја обжали одлуката на британскиот суд да го екстрадира во САД, каде што се соочува со затворска казна до 175 години.