Одбраната на Александар Ѓорчевски остро реагира по одлуката на Апелациониот суд да ја укине ослободителната пресуда и предметот да го врати на повторно судење. Неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ тврди дека ваквиот развој го очекувал уште по јавната седница и оценува дека неговиот клиент од самиот почеток бил поставен во позиција однапред да биде осуден.

„Како адвокат сум еден од ретките што воопшто не е изненаден од ваквата одлука и очекував ваков исход по агресивниот настап на вишиот јавен обвинител на јавната седница пред Апелациониот суд на 11 мај 2026 година“, изјави Туфегџиќ.

Тој го критикува и начинот на кој судот ја соопшти одлуката, посочувајќи дека во краткото известување не била наведена ниту една причина поради која е укинат ослободителниот дел од пресудата. Според него, отсуството на образложение дополнително отвора сомнежи за основата на ваквата одлука.

Туфегџиќ вели дека во повторената постапка е подготвен да се соочи и со поинаков исход, иако доказниот материјал останува ист. Тој посебно нагласува дека и самото обвинителство претходно посочило оти нема докази против Ѓорчевски.

„Спремен сум да слушнам и поинаква одлука за Александар врз основа на истите докази, особено поради фактот што тој од првиот ден е од некого проектиран однапред да биде осуден, а само треба да се запази формата“, порача адвокатот.

Тој додава дека неговата улога во постапката е ограничена на правната одбрана на клиентот и дека нема институционални механизми со кои би можел да влијае врз судските одлуки. „На крајот од денот, сите живееме со сопствените одлуки и сопствената совест“, рече Туфегџиќ.