Паметни светилки низ целата општина кои треба да го решат проблемот со осветлувањето во Аеродром и да влијаат на заштедата на електрична енергија, електрични тротинети и велосипеди кои ќе ја зголемат мобилноста на граѓаните, а со тоа и кон намалување на загадувањето, дигитални дисплеи преку кои граѓаните ќе се информираат за работата на општината, бесплатни зони за интернет и полначи за електрични автомобили, се само дел од придобивките за граѓаните на Аеродром кои ги предвидува проектот „Смарт Аеродром“. Освен тоа, тој ќе влијае и на остварување на останатите приоритети преку подигнување на безбедноста и сигурноста на граѓаните, придонес за почиста и позелена општина и директното влијание кое „Смарт Аеродром“ ќе го има на квалитетот на живеењето во општината.
Градоначалникот Тимчо Муцунски на прес конференцијата која се одржа во понеделникот истакна дека откако Советот ќе донесе одлука, Општина Аеродром ќе објави јавен повик за избор на стратешки партнер кој ќе има обврски преку јавно – приватно партнерство да го спроведе проектот. Тој нагласи дека трошоците за имплементација на „Смарт Аеродром“ во целост ќе ги сноси приватната компанија која ќе го имплементира проектот, а Општина Аеродром освен што нема да има финансиски импликации, туку ќе оствари заштеда на електрична енергија, а со тоа и заштеда на средства.
Проектот „Смарт Аеродром“ претставува реализација на ветување дадено во изборната програма и истиот е значаен исчекор напред за граѓаните и нашата општина, покажувајќи ја решеноста за прифаќање на новите технологии и одржливи практики во насока на подигнување на квалитетот на живеење. Со имплементирање на овие иновативни решенија, го отвораме патот за посветла иднина во Аеродром – иднина каде технологијата, одржливоста и поврзувањето се спојуваат во еден проект кој пред се ќе донесе низа бенефити за граѓаните, а потоа ќе донесе технолошки напредна општина со која сите ќе се гордееме. „Смарт Аеродром“ е сеопфатен напор за беспрекорно интегрирање на напредните технологии во нашата општина, во насока на подобрување на различните аспекти на секојдневното живеење, а воедно е и проект кој се имплементира за првпат во Македонија, токму во општината Аеродром.
По успешното завршување на повикот за воспоставување на јавно – приватно партнерство официјално ќе му посакаме добредојде на проектот кој ќе даде една нова енергија на иднината и живеењето во нашата општина. Со завршување на имплементацијата на проектот, Општина Аеродром ќе стане првата високотехнолошка и паметна општина подготвена за иднината.