Ние не сме и нема да бидеме нова политичка партија. Нема да правиме ниту независни листи за парламентарните избори. Целта ни е да помогнеме во окрупнување на опозицијата и враќање на довербата кај граѓаните разочарани по неуспехот на ветувањата дадени во 2016-2017 година. Ова денеска на брифинг го порачаа претставниците на демократската платформа сочинета од актуелни и поранешни функционери на СДСМ, пренесува 360 степени.

„Не сме и нема да бидеме нова политичка партија, нема да бидеме ни ЗНАМ, ни НСДП. Не, нема да правиме ниту независни листи за парламентарните избори. Тоа нема да го правиме. Целта ни е да помогнеме, да ги обединиме сите во една граѓанска, мултиетничка платформа и промени на ова раководство на СДСМ. Крајна цел е победа на оваа власт. СДСМ се бореше против заробена држава, а стана заробена партија“,рече Игор Ивановски, дел од демократската платформа.

Тој заедно со Гордан Георгиев, Андреј Петров, Славјанка Петровска, Никола Ќуркчиев и Емилијан Станковиќ, како претставници на демократската платформа, порачаа дека кај граѓаните постои опозициско расположение, а дека целта на платформата е да се почне со разговори за окрупнување на опозицискиот фронт – со крајна цел победа над актуелната власт, чиј висок рејтинг, како што оценија, не е резултат на нејзините досегашни постигнувања, туку на слабата опозиција.

„Оваа влада покажа отсуство на желба за борба против корупција, отсуство на волја за реформи, пред сè во правосудтвото, отсуство на сервисни политики – во здравство, во образование, во економијата. Оваа влада се кандидира да биде на врвот на најнеспособни влади и ги изневери очекувањата на грааѓаните. Но зошто владата има толкав рејтинг – зашто има отсуство на алтернатива во равенката а тоа е отсуство на способна, ефикасна, силна опозиција, која не би овозможила ваков дисбаланс“,рече Игор Ивановски на денешниот брифинг.

Тој повтори дека поентата на ваквата платформа е да има почеток на разговори за окрупнување на опозицискиот фронт за секој граѓанин, организација, партија и СДСМ, но, како што рече, не СДСМ со ова раководство.

„Правиме разлика меѓу раковдството на СДСМ и СДСМ. СДСМ се бореше против заробена држава, а стана заробена партија“,додава Ивановски.

Ексминистерката за одбрана и актуелна пратеничка од СДСМ, Славјанка Петровска, рече дека јавното појавување на демократската платформа започнало откако тие две години наназад имале внатрепартиски разговори, вклучително и со лидерот Венко Филипче, кои завршувале без конкретни промени во партијата.

„Подолг период зборував одвнатре во партијата, имав неколку разговори со претседателот на партијата и тие разговори или завршуваа со одмолчување или со потврдување, а потоа неспроведување на договореното. Затоа, по две години решивме медиумски да се појавиме. Имав непристојни понуди од раководството да бидам дел од него за сметка на тоа да туркам работи под маса. Јас не се согласив“,рече Петровска, оценувајќи дека луѓето кои се дел од оваа платформа се решението, а не проблемот на СДСМ.

Се надоврзаа и Емилијан Станковиќ и Андреј Петров, оценувајќи дека Венко Филипче е целосно некомпетентен да биде лидер на партијата и дека нема право да зборува оти не бил информиран за дејствувањето на платформата.

„Филипче не е претставник на членството на СДСМ, тој зема членска книшка пред да стане министер. Кога ние се боревме против режимот, Филипче беше дел од контрапленумот. Имаме план како да предизвикаме структурни промени во СДСМ, но прво ќе му ги кажеме на Филипче“,рече Станковиќ, додавајќи дека платформата нема поврзаност со екслидерот Зоран Заев.

Следната рунда разговори на демократската платформа ќе се одржи в сабота во 12:05 часот.