Македонија е во Европа. Треба да биде во ЕУ. Заслужува целосна евроатлантска интеграција. Потребни и се поотворени пазари. ЕУ е светлата иднина на државава, изјави американската амбасадорка Анџела Агелер, која се надева дека ова прашање ќе биде поставено за време на изборите.

Агелер во интервју за Клик Плус на ТВ 21 рече дека тие будно ќе ги следат изборите, но исто така будно ќе следат и дали има мешање од странство.

Искрено немам одреден став за претседателските избори. Мислам дека е логично што вториот круг од претседателските избори ќе биде заедно со парламентарните избори. Супер е. Будно ќе следиме се. Постои интересна динамика помеѓу албанските партии. Сите избори ги следиме будно, но следиме и дали има мешање од странство, вели Агелер.

Одговарајќи на прашање дека во последно време се почесто се слуша од политичките партии на Албанците прво уставни измени, па потоа формирање на Влада, Агелер вели дека слушнала неколку опции за тоа како би било возможно.

Јас сум го слушнала тоа, сум слушнала неколку различни опции, за тоа како тоа би било возможно. Верувам! Верувам дека имало преседани, не мислам пред декади, но имало преседани кога амандмани се изгласувале за време на техничка влада. Едно што научив служејќи овде е дека сè е возможно, рече американската амбасадорка.

Според неа, треба внимателно да се слуша како лидерите ја опишуваат својата визија за иднината.

Сите гласачи ги поттикнувам внимателно да слушаат што кажуваат сите, не само лидерите на најголемите партии туку и албанските партии, пратениците, кандидатите на гласачките ливчиња. Внимателно слушајте како ја опишуваат својата визија за иднината оти тоа им е важно на гласачите, вели Агелер и додава дека таа така прави во нејзината држава.

И откако ќе ги поставите тие тешки прашања, посочува таа, „народот ќе одлучи дали визијата на личноста соодветствува со тоа што јас го сакам за своето семејство“.

Одлучувам чии идеи најмногу се поклопуваат со моите, додава Агелер.

Во интервјуто за ТВ 21, американската амбасадорка одговараше и на прашање зошто американските власти не ги дале доказите за лицата ставени на нивната црна листа. Агелер потенцира дека тоа е така зашто приватноста е загарантирана со законите на САД.