Американската амбасадорка го потенцира патот кон ЕУ и реформите
Американската амбасадорка во Македонија, Анџела Агелер, во гостување во „Тема на денот“ на ТВ Сител, посочи дека напредокот на земјата во евроинтеграциите зависи од конкретни реформи, без разлика дали пристапните преговори веќе почнале или не. Таа истакна дека патот кон ЕУ е јасен и дека патоказот за исполнување на критериумите е утврден, при што сите очекуваат повеќе резултати на тој план.
– Кога ги гледаме коридорите 8 и 10, националната безбедност на оваа држава и на регионот е многу важна, и за трансатлантската врска. Затоа внимателно го следиме и сме исто така многу јасни. Погледнете, ова е местото каде е, ЕУ е природниот дом на оваа држава. Тоа што знам е дека оваа Влада води разговори, има чести разговори со земји членки, со лидери во Европската унија, Европската комисија и искрено бара начини како да се оди напред. Дали сите би сакале да видиме напредок и повеќе резултати? Мислам дека да. Но исто така мислам дека е важно да се има предвид дека и покрај разговорите за пристапување и членство во ЕУ, тоа не треба на никаков начин да ги закочи напорите кои се потребни, а кои се суштински дел од процесот во однос на реформите, затоа што реформи се потребни и искрено патот е многу јасен. Значи, без разлика дали пристапните преговори почнале или не, јасно е што треба да се направи за да се исполнат критериумите. Патоказот постои и мислам дека сите би сакале да видиме повеќе напредок на тој план, рече Агелер.
Таа дополни дека гласачите постојано испраќаат пораки дека сакаат државата да напредува, посебно во економијата и владеењето на правото.
– И тоа се областите во кои сакаат да видат напредок – економијата, можностите и сите тие работи. Тоа е владеењето на правото и нема причина да не се оди напред во тие области, вели Агелер.
Политичката криза во соседството не смее да го закочи процесот
Агелер истакна дека политичката криза во Бугарија не треба да го загрози дијалогот. Членството на Македонија е во интерес на сите страни.
– Јас сум амбасадор на САД во Северна Македонија. Би било несоодветно да зборувам опширно за тоа, но ова треба да биде нешто што не треба да се закочи. И го имаме видено тоа со вашите соседи неколкупати досега. Кога се менувале влади, кога имало избори, тоа не треба да го загрози целиот процес и мојата надеж, а и искрено уверување дека има луѓе со добра волја од двете страни на границата кои сакаат ова да продолжи. Затоа што искрено, членството на Северна Македонија е во интерес на сите, вклучително и на соседите, и тоа го видовме многу јасно со Грција на пример. Сега тие се огромен економски партнер, безбедносен партнер, воен партнер и нема причина тоа да не се случи и со Бугарија. Нашата најголема надеж е дека ќе успеат да најдат начин како да продолжат затоа што повторно тоа е во најдобар интерес. Географијата е јасна, порача Агелер.
Таа истакна дека САД не очекуваат наскоро да настапат како посредник, но дека секогаш ќе бидат поддржувачки сојузници на Македонија.
– Дали САД ќе влезат да бидат посредник? Не би го очекувала тоа наскоро, сепак внимателно следиме. Вашингтон е многу заинтересиран за тоа што се случува во оваа држава, особено министерот за надворешни работи, но и премиерот, како и други министри имаат патувано во САД, имаат одлични контакти со највисоките функционери во Вашингтон, имаат навистина добри разговори кои често ги водат на самити, на различни места, низ навистина добри разговори. Затоа има внимание, има искрена загриженост и интерес и поддржувачки интерес за тоа што се случува во оваа држава. Тоа секогаш е можност, но исто така сакаме да бидеме сигурни дека Владата го прави она што е најдобро за интересите на своите граѓани и на своите гласачи, и продолжуваме тоа внимателно да го следиме, рече амбасадорката.
