Бриселскиот портал EUObserver пишува дека унгарскиот премиер Виктор Орбан иницирал ратификација на пристапувањето на двете нордиски земји во Алијансата и дека неговата партија Фидес предложила дебата во парламентот следната недела.

Прашањето ќе се најде на дневен ред по неколкумесечните необјасниви одложувања што ги поттикнаа шпекулациите дека Орбан го уценува Брисел поради замрзнатите фондови на ЕУ или дека им „служи“ на претседателите на Турција и Русија, Реџеп Тајип Ердоган и Владимир Путин, со кои е пријател.

Финска и Шведска поднесоа барање за членство во НАТО во мај минатата година, откако во февруари започна руската агресија врз Украина.

Сите членки на НАТО ги ратификуваа договорите за нивно пристапување, освен Турција и Унгарија. Ердоган бара Шведска прво да испорача 120 дисиденти, главно Курди, по што се спомна можноста Финска сама да влезе во Алијансата.

Расправата во унгарскиот Парламент за ратификација на договорот за прием на Финска и Шведска во НАТО е закажана за 1 март, а гласањето се очекува до 20 март.