Ахмети зборуваше за протестите во Албанија
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на изборното собрание на партијата во Бутел зборуваше за протестите во Албанија и за нивните можни последици врз земјата.
Тој оцени дека протестите создаваат несигурност и дека најголем удар трпи туризмот, кој, според него, е главна индустриска гранка во Албанија.
Обвинувања кон Грција и Србија
Ахмети изјави дека првите реакции и, како што рече, првата кампања дошле од Грција, наведувајќи дека албанскиот туризам претставува конкуренција за грчкиот.
Тој во говорот посочи и кон Белград, тврдејќи дека истиот центар што води кампања за протестите во Србија, води кампања и за протестите во Албанија.
„Некој може да стане и да каже: Али Ахмети го брани Еди Рама. Не, Али Ахмети ја брани Албанија, а Албанија страда“, рече Ахмети.
Последици за туризмот и инвестициите
Ахмети нагласи дека нестабилноста може да предизвика последици не само врз туризмот, туку и врз домашните и странските инвестиции во Албанија.
Според него, ниту еден инвеститор не го ризикува својот капитал во услови на неизвесност.
Тој додаде дека, според неговата оценка, несигурноста во Албанија ја создаваат „непријателите на албанската нација“, при што рече дека граѓаните кои протестираат, според него, „паднале во стапицата“ без доволно да ги анализираат последиците.
