Судењето продолжува во судницата во „Идризово“
Со изведување материјални докази од страна на Обвинителството, денеска во судницата во „Идризово“ продолжува судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Досега, Обвинителството презентираше докази поврзани со инспекциските надзори за угостителска дејност што ги спроведувала Општина Кочани. Во рамки на доказниот материјал беа изведени извештаи за работата на инспекторите, овластувања на градежни инспектори, како и документација за заеднички инспекциски и теренски надзори.
Документи за надзори, сопственост и правен статус на објектот
Обвинителството приложи и решенија за вработување овластени градежни инспектори, кои, според нив, се значајни за утврдување на надлежностите и одговорностите во периодот пред пожарот.
Во судницата беа презентирани и планови за квартални инспекциски контроли, годишни програми и службени документи на Дирекцијата за заштита и спасување, потпишани со името на Шабан Салиу, кој од 2012 до 2017 година бил директор на институцијата.
Претходно, Обвинителството изведе докази за објектот, неговата сопственост и движењето на имотот, односно за фактичката, правната и сопственичката историја на објектот во кој се наоѓала дискотеката „Пулс“.
Беа презентирани и документи за правниот статус на објектот според урбанистички планови, геодетски елаборати, барање за легализација од 2011 година за дел од објектот што бил третиран како бесправен, записници од надзори, договор за закуп, како и записник за одземени предмети и документи по пожарот.
Одбраната реагираше за законитоста на дел од доказите
На едно од рочиштата беа изведени и докази поврзани со агенцијата за обезбедување „Рубикон секјурити солушнс“, кои се однесуваа на околности поврзани со обезбедувањето на објектот, планот за надзор и обезбедување, дозволата за работа, листата на вработени, како и материјали обезбедени при претреси во канцеларии и возила.
Обвинителството презентираше и фотографии од внатрешноста на дискотеката „Пулс“ по реновирањето, обезбедени од вештачењето на телефонот на првообвинетиот Дејан Јованов. Според Обвинителството, за нив нема официјална документација.
Одбраната реагираше дека дел од доказите биле прибавени на незаконит начин и дека не треба да бидат изведени како докази, оспорувајќи ја и законитоста на прибраниот доказен материјал.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК, и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
