Претседателот на Демократската унија за интеграција, г. Али Ахмети, оствари средба со францускиот специјален преставник за Западен Балкан, амбасадорот Рене Троказ, придружуван од амбасадорот Сирил Баумгартнер, поранешниот амбасадор Бернар Валеро, како и Матие Абграл, од Мисијата за балканска Европа при Министерството за Европа и надворешни работи на Република Франција.

Речиси три часа претседателот Ахмети и француските претставници ги елаборираа политичките случувања во земјата и во регионот, при што главно се фокусираа на уставните измени и на евроинтеграциите, вклучително и изборите во земјата, како и дијалогот меѓу Косово и Србија.

Без уставните измени, европскиот пат е блокиран, беше потенцирано на средбата, а пречка за одобрување на уставните измени е намерното блокирање на евроинтеграциите.

Граѓаните и државата немаат време за калкулации за партиски придобивки на сметка на нивната европска иднина.

Во меѓувреме, во однос на дијалогот меѓу Косово и Србија претседателот Ахмети истакна дека меѓусебното признавање е единственото решение кое гарантира мир, безбедност и стабилност во целиот регион.