АХВ изрече казни поради небезбедна храна во училишните кујни во Карпош
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изрече парични казни кон операторот со храна задолжен за кујните во основните училишта во Општина Карпош. Ова следува откако лабораториските анализи потврдија небезбедна храна во две училишта. По неодамнешната вонредна контрола, АХВ ги доби резултатите од тестирањата во ОУ „Димо Хаџи Димов“, каде што е утврдено дека послужената мусака не ги исполнува микробиолошките стандарди, со присуство на бактерии од групата Enterobacteriaceae. За ваквиот пропуст, операторот е санкциониран со 600 евра, а одговорното лице со 300 евра во денарска противвредност.
Пронајдени бактерии во мусака и на три чешми во училиштето „Димо Хаџи Димов“ во Влае
Затворена кујната и вонредни санитарни прегледи
По првичната инспекција и наредбата за генерално чистење и дезинфекција, кујната во „Димо Хаџи Димов“ останува затворена сѐ додека не пристигнат нови лабораториски резултати од повторно земените брисеви. Во меѓувреме, сите вработени се упатени на вонредни здравствени и санитарни прегледи. Ова е дел од мерките за обезбедување соодветна хигиена и безбедност.
Пропусти во уште девет училишта и дополнителни казни
Во рамки на превентивните контроли, АХВ изврши инспекција и во уште девет основни училишта во Карпош, каде што истиот оператор стопанисува со кујните. Во една од земените мостри од намаз е детектирано присуство на бактеријата ешерихија коли, поради што производот веднаш е повлечен од употреба. Иако два брисеви покажале позитивни резултати, не било утврдено присуство на патогени бактерии. За овие недоследности, операторот доби уште две казни по 900 евра. Дополнително, изречена е казна од 650 евра поради непоседување сертификат за хигиена за едно лице. Освен тоа и поради недостиг на топла вода во две кујни. АХВ најавува продолжување на засилените контроли со цел обезбедување сигурна храна за учениците.
