По добиено известување од полициски службеници дека при рутинска контрола на патничко моторно возило откриле значително количество кондиторски производи со поминат рок, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) презедоа дејствија за откривање на потеклото на истите. Во соработка со Министерството за внатрешни работи беше извршен претрес на дом на возачот на возилото.
Пронајдени беа 34 пакети со таканаречени флипс производи и 35 пакети оризови барови со различни вкусови, грицки и други кондиторски производи во количина од 250 килограми. Утврдено беше дека пронајдените производи се со поминат рок и истите, како необезбедени беа одземени од инспекциските служби на АХВ.
Производите биле набавени од различни магацини и истите се нуделе и продавале на скопскиот пазар за стари работи во Маџари како и на пазарот во Шуто Оризари во Скопје. Сторителот е казнет со парична казна во висина од 400 евра во денарска противвредност. Издадена е и наредба за уништување на небезбедните производи.
Агенцијата за храна и ветеринарство продолжува со спроведување на мерки за сузбивање на нелегална трговија со храна, за која може да пријават и граѓаните на бесплатната телефонска линија за потрошувачи 0800 3 22 22, електронски на info@fva.gov.mk, или лично во Агенцијата.