Засилен мониторинг на продажните места за месо и јајца врши Агенцијата за храна и ветеринарство пред велигденските празници, изјави денеска директорот Николче Бабовски.
Одговарајќи на новинарски прашања во рамки на форумот на директори на ветеринарните служби од регионот на Западен Балкан што денеска и утре се одржува во Охрид во организација на АХВ посочи дека од досегашните контроли на инспекторите, немало отстапување од правилникот за храна.
– Увозот на храна во државава е контролиран од страна на нашите инспекциски служби и економските оператори, кои се занимаваат со трговија со прехранбени производи на пазарот неможат да постават небезбеден производ. Целосно се контролира узвозот на храна, преку мониторинг програма за секојдневна контрола, изјави Бабовски.
Зголемувањето на цената на прехранбените производи од животинско потекло, посочи дека е поради тројно повисоките цени за храната за животни на светските берзи.
Во однос на влијанието на руско-украинската криза врз квалитетот и количините на храна, директорот на АХВ нагласи дека се контролира увозот. – Храната ќе ја имаме, но може да се случи народот да биде гладен поради високи цени. Веќе има повик од Министерството за земјодлество за нови концесии, за да не остане необработено земјоделското земјиште, а и храната да биде безбедна, рече Бабовски.
И директорот на Управата за безбедност на храна, ветерина и фитосанитарни прашања на Црна Гора Владимир Џаковиќ тврди дека во неговата земја се интензивираат контролите во однос на квалитетот на храната. – Секоја храна многу се проверува во однос на претходно. На црногорскиот пазар имаше мали нестабилности, односно недостатоци, како што сте сведоци секаде има раст на цените на храната, но штом се појави недостаток, се појавуваат нови пазари и тие производи може да се набават. Интензивно ги контролираме сите нови пазари, од сите држави од кои традиционално не сме увезувале прехранбени производи, така што преку интензивни контроли го отстраниве секој сомнеж храната да е здравствено безбедна, изјави Џаковиќ.