По неколкумесечна меѓународна истрага, Македонија и Србија спроведоа координирана акција за разоткривање на организирана криминална група која се занимавала со фалсификување евра и други валути. Операцијата, под кодно име „Вардар“, резултираше со апсење на 10 лица во Македонија и 6 во Србија, како и со заплена на над половина милион евра во фалсификувани банкноти и големо количество материјални докази.
Акцијата ја спроведоа македонското Обвинителство за организиран криминал и корупција, српските власти и ЕВРОПОЛ, а беа извршени 23 претреси во Македонија и неколку во Србија.
Запленети 500.000 евра, илјадници долари и различни валути
Во рамки на претресите во Македонија, пронајдени и одземени се:
- 500.000 евра
- 25.000 американски долари
- 500 швајцарски франци
- 1.800 израелски шекели
- 500 хрватски круни
- 10.000 албански леки
- 1.000 шведски круни
- 25.000 руски рубљи
Дополнително, полицијата заплени опрема за фалсификување, вклучувајќи топли ваљаци, преси, CNC машини за изработка на калапи и жигови, како и копии од банкноти, детектор за фалсификати, бројачи на пари, пиштол, куршуми и холограми за банкноти.
Фалсификуваните евра биле дистрибуирани низ Балканот
Според истрагата, групата произведувала и пласирала лажни банкноти во различни апоени на пазарите во Македонија, Србија и Косово.
Операцијата „Вардар“ е продолжение на минатогодишната акција во август, кога во Косово беше уапсен македонски државјанин кој фалсификувал и пуштал во оптек евромонети.
Во денешната акција во Србија, претреси биле извршени во Нови Пазар, Нови Сад, Сомбор и Суботица, при што се приведени шест члена на криминалната група и запленети 180.000 фалсификувани евра.
Истрагата продолжува – следуваат дополнителни информации
Операцијата беше поддржана од ЕВРОПОЛ и Проектот на ЕВРОПРАВДА за кривична правда на Западен Балкан, кои обезбедија разузнавачка анализа, техничка поддршка и координација на меѓународно ниво.
Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека во текот на утрешниот ден ќе има повеќе информации откако ќе биде донесена Наредбата за спроведување на истражна постапка.
🚨 Властите најавуваат продолжување на акцијата и нови апсења поврзани со криминалната мрежа.