Според последниот ковид-билтен, вчера од направени 3.022 тестирањe, регистрирани се 333 нови случаи на КОВИД-19, од кои најмногу во Скопје – 206, Гостивар – 33, Куманово – 19. Регистрирани сe и 367 оздравени пациенти

Министерот за здравство Венко Филипче вчера на прес-конференција соопшти дека околу 700 пациенти се хоспитализирани во болниците поради компликации од Ковид-19.

-Најголем број на пациенти се во болниците во Тетово, каде има 110 пациенти, 90 пациенти во болницата во Гостивар, околу 35-36 пациенти во болницата во Струга, 40-тина пациенти во болницата во Кичево. И тоа се болници во кои со директорите сме во континуирана комуникација, а со цел за секој пациент на којшто му е потребна хоспитализација, тој се транспортира до Скопје. Тука е отворена Болницата за рехабилитација во Козле која што е целосно опремена, снабдена со централен довод на кислород. Тука, има сместено за време на викендот околу 25 пациенти од вкупно 110 кревети коишто се на располагање, изјави Филипче, одговарајќи на новинарско прашање.

Министерот информира дека за пациентите од Кичево и од Струга на располагање се болниците во Прилеп и во Битола, а за Гостивар и Тетово болничките центри во Скопје, а се подготвуваат и други капацитети ако за тоа има потреба.

-Имаме континуирана комуникација и координација по претходна најава согласно проценката, тријажата дали е потребна хоспитализација, се најавуваат и се праќаат пациентите во Скопје. Ние имавме утрово координативен состанок со директорите на сите клиники, пред се интерните од Клиничкиот центар, со цел да спремиме и дополнителни капацитети на интерните клиники, по примерот како што беше претходно. Се надевам дека до тоа нема да дојде, меѓутоа мораме да сме за тоа спремни и тоа го направивме заедно со припрема и списоците на тимовите на лекари и сестри коишто од сите клиники се веќе на располагање ако има потреба да се активираат други КОВИД-центри, уверува Филипче.

Според него, здравството ќе го издржи и овој бран со Ковид-19

– Спремни сме да се реорганизираме и дополнително и во другите болници. Сега веќе имаме и едно искуство. Овие денови следиме како се одвива бранот во Тетово и во Гостивар, кои се специфични градови зошто нагло се зголеми бројот на пациенти на кои им беше потребна хоспитализација. Во исто време се градови со мал опфат на вакцинација. И сега опфатот расте, па сега ќе анализираме дали според прегледите може да констатираме дека притисокот спласнува. Рано е за тоа да се каже, иако има некои индиции според разговорот со директорите, рече Филипче.

Оваа недела, рече, се прават анализи за да може да се направат некаква претпоставка како ќе се одвива овој бран.

Досега во земјата се направени вкупно 1.111.451 тестирање на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 169.202, бројката на оздравени пациенти е 152.465, на починати е 5.695.