Како што соопшти Министерството за здравство, во изминатото деноноќие направени се вкупно 4.295 тестирања, а регистрирани се 468 нови случаи на КОВИД-19. Од нив најмногу има во Скопје – 227, Куманово – 41, Штип – 26, Велес и Охрид – по 23, Кавадарци – 16, Струмица – 13, Прилеп, Кочани и Крива Паланка – по 11…
Регистрирани сe 284 оздравени пациенти од: Скопје – 149, Куманово – 28, Кавадарци – 14, Велес – 13, Битола – 10, Шип – 9, Струмица, Кичево и Гостивар – по 7, Прилеп и Кочани – по 6,Свети Николе и Валандово – по5, Гевгелија, Виница и Кратово – по 3, Делчево и Неготино – по 2, Крива Паланка, Радовиш, Ресен, Македонски Брод и Македонска Каменица – по 1.
Пријавени се седум починати лица: две починати лица од Скопје (61г, и 91г), по едно починато лице од Кочани (74г), Виница (69г), Кичево (56г), Прилеп (73г), и Струмица (69г). Сите пријавени лица се починати во болнички услови. Дополнително, согласно Регистерот на умрени лица со дијагноза КОВИД-19 од „Мој Термин“, пријавени се уште 4 починати лица, со датум на смрт од 15.09.2021 до 30.09.2021 година. Починатите лица се 3 лица од Битола и едно лице од Скопје, на возраст од 51 до 80 години. Од пријавените лица 3 се починати во болнички услови, а едно лице е починато во домашни услови.
Досега во земјава се направени вкупно 1.297.190 тестирањана Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 190.288, бројката на оздравени пациенти е 173.332, на починати е 6.694, а бројот на активни случаи изнесува 12.262.
Во светски рамки, САД ја надминаа бројката од 700.000 лица кои од почетокот на пандемијата умреа од последиците на Ковид-19, соопшти Универзитетот Џон Хопкинс, посочувајќи дека е тоа еквивалент на населението во главниот град Вашингтон.
Француските медиуми пишуваат дека овој црн биланс потсетува дека се уште секој ден стотици Американци умираат од коронавирус, и покрај кампањата за вакцинација.
Според официјалните бројки, САД се најтешко погодената земја во светот според бројот на смртни случаи од коронавирус, пред Бразил и Индија. САД, исто така, имаат најмногу заразени во светот. Невакцинираните лица се уште се најпогодени од оваа болест, бидејќи ги има многу во земјата- кампањата за вакцинација, која почна во декември и својот врв го достигна во април, со понекогаш четири милиони вакцинации на ден, сега е нагло забавена. Нешто повеќе од 64 проценти од американското население, или 215 милиони луѓе, примиле барем една доза од трите вакцини одобрени во САД.
Во Калифорнија, пак, сите ученици кои сакаат да посетуваат настава во државни или приватни училишта ќе мора да бидат вакцинирани, соопшти гувернерот на оваа американска сојузна држава Гевин Њусом. Одлуката се однесува на шест милиони ученици и студенти во Калифорнија, која е најнаселената држава во САД.
Оваа обврска за задолжителна вакцинација нема да стапи на сила барем до следната година, согласно распоредот на возрасните групи за кои американската агенција за лекови-ФДА целосно ќе ја одобри вакцината.Вакцината е одобрена за лицата над 16 години, но засега не и за оние на возраст од 12 до 15 години, кај кои се инјектира само во итна пандемиска постапка. За децата под 12 години, пак, се уште не е одобрена.
Претставници на здравствените власти од Нов Зеланд вчера соопштија за 27 нови случаи на многу заразната делта варијанта на коронавирусот во Оукланд, во кој граѓаните излегоа на улиците протестирајќи против речиси двомесечното затворање на најголемиот град во земјата.