Решенијата за лицата кои треба да бидат во изолација ќе се објавуваат на веб-страницата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат и дополнително во Службен весник во најбрз можен рок, со цел брз проток на информациите, намалување на временската разлика меѓу моментот кога е констатирана потребата од изолација, издавањето на решението за изолација и неговото објавување. Од вчера новата Комисијата за заразни болести е со нов и проширен состав, но сепак со истиот став, апелираше на масовна вакцинација за побрзо завршување на пандемијата.

Во однос на новата одлука, решенијата за изолација да се објавуваат на веб-страницата на ДСЗИ, ќе се намалуваат можностите за злоупотреба во периодот додека не се објави решението, а со тоа се намалуваат и ризиците од дополнителен број случаи позитивни на КОВИД-19 .

– За овој начин на доставување на решенијата граѓаните ќе бидат претходно известени преку телефонскиот број оставен во установата каде било извршено тестирањето, а ќе постои можност да биде издадена потврда дека е издадена јавна објава за изолација на писмено барање на граѓаните, информираа вчера од Влада.

Проф. д-р Александар Петличковски од Институтот за имунологија и хумана генетика е назначен за претседател на Комисијата за заразни болести, а д-р Злате Мехмедовиќ за нејзин портпарол. На првиот состанок отвориле многу прашања, меѓу кои и скринингот на учениците во средните и основните училишта, што се размислува да се прави со брзи тестови.

Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 270.897. Оздравени се 247.670 лица, а починале 8.444. Бројот на активни случаи изнесува 14.783.

Министерот за здравство Бекил Сали вчера на прес-конференцијата соопшти дека во новиот состав на Комисијата се и: д-р Христина Ставридис од Институт за јавно здравје (ИЈЗ), доц. д-р Шабан Мехмети од ИЈЗ, проф. д-р Калина Гривчева Старделова од Клиниката за гастроентерохепатологија, а воедно и координатор на Интерни клиники, проф. д-р Невзат Елези од Медицински факултет при Универзитетот во Тетово, д-р Дугаџин Османи од ИЈЗ, прим. д-р Жарко Караџовски од ИЈЗ, д-р Иринка Сотирова Бухова од ДЗСИ, проф. д-р Катерина Ставриќ од Клиниката за детски болести, д-р Милена Стевановиќ, д-р Звонко Миленковиќ, д-р Фадил Цана и Илир Демири од Клиниката за инфективни болести и фебрилни болести, д-р Марија Димзова научен соработник на Инфективната клиника, д-р Виктор Исјановски од Здравствен дом Скопје, д-р Лилјана Деспотовска Ристовска од ДЗСИ, проф. д-р Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија, д-р Арбен Лабиништа од Институт за белодробни заболувања и туберкулоза, д-р Марија Дуганова од ГОБ „8 Септември“, прим. д-р Сузана Маневска од Министерството за здравство, прим. д-р Јованка Костовска, специјалист епидемиолог, д-р Златко Арсениевски од Центарот за јавно здравје – Скопје, д-р Драган Георгиевски, претставник на Здружението на лекари по општа медицина и семејна медицина, Грета Николовска, претставник на Агенцијата за храна и ветеринарство и Марија Милкова од Центарот за управување со кризи.

Сали им се заблагодари на сите членови кои учествувале во работата на Комисијата во изминатите две години и им посака добредојде на сите нови членови во проширениот состав.

– Отсега па натаму Комисијата ќе се состанува на редовни неделни состаноци секој вторник, а по потреба и почесто. Претседателот на Комисијата ќе ги одржува редовните состаноци, по потреба министерот за здравство ќе биде присутен на Комисијата и барам од сите новинари да бидат во постојан контакт со д-р Злате Мехмедовиќ, додаде министерот Сали.

Петличковски вчера рече дека го имале првиот работен состанок кој траел два часа, на кој отвориле многу прашања и имало продуктивни дискусии.

– Како и на досегашната Комисија за заразни болести, цел и на оваа Комисија за заразни болести ќе биде артикулирање на научните податоци кои ги имаме и нивно применување во нашите околности. Значи нашата цел ќе биде да се држиме исклучиво до научните студии и овие заклучоци од студиите да пробаме да ги имплементираме во нашата средина. Ние нема да работиме на принцип во Англија се фрлија маските и ние веднаш ќе ги фрлиме и тука маските. Не е само Англија пример има и други примери. Во Македонија условите се поспецифични за да може толку еднострано да прифаќаме претпоставки од околината и од надвор, рече д-р Петличковски.

Посочи дека основната нивна определба е да ги следат научните сознанија и да ги направат прифатливи за нашите околности.

– Отворивме неколку прашања, почнувајќи со наставата за средни и основни училишта, скринингот на учениците во средните и основните училишта, епидемиолошката состојба во изминатиот период, опфатот со вакцинација и некои стратегии за подобрување на вакцинацијата. Разговаравме и за значењето на сертификатите и од сите овие дискусии наскоро ќе излезат препораки кои ќе бидат доставени до Министерството за здравство и понатаму до Кризниот штаб. Иако се надеваме дека кумулативно кратко ќе трае потребата од овие чести состаноци за тоа време додека трае се обврзуваме да ги следиме најновите сознанија и да ги пласираме. Како се осовременуваат препораките така ние ќе ги реализираме и кај нас, додаде д-р Петличковски.

Портпаролот на Комисијата, Мехмедовиќ смета оти надградувањето на Комисијата е во насока да се подобри квалитетот и комуникацијата која ја имаат со граѓаните пред се за да може да имаат сериозни образложенија кои ќе водат во насока на тоа да нема повеќе забуни во однос на препораките кои се носат на Комисијата за заразни болести.

– Во насока на тоа на покана на министерот за здравство прифатив да бидам лице кое ќе го сноси најтешкиот дел од оваа Комисија за заразни болести, а тоа е да комуницира со новинарите и да пренесеме пореална слика за тоа како се носат препораките и што значат тие за граѓаните, додаде д-р Мехмедовиќ.

Петличковски вчера истакна дека се размислува скринингот на учениците за КОВИД-19 да биде со брзи тестови, кои не се премногу на број, но 10.000-20.000 тестови се на располагање и ќе биде на случајни ученици со цел да ја видат вкупната застапеност на вирусот во овие старосни групи.

Тој информира дека претходниот скрининг покажуваше со која стапка се развива инфекцијата во основните и во средните училишта и во таа насока ќе биде и оваа акција, оваа активност.

-Во пресекот на неделните бројки гледаме дека во популацијата од 12 до 18 години има многу мала стапка, многу ниска инциденца и тоа ни дава за право да ја предложиме наставата со физичко присуство бидејќи во овој распон на популацијата нема значајно присуство на инфекциите, рече Петличковски, додавајќи дека идејата е така и да остане.

Нагласи дека со применување на строгите протоколи, со проветрувањето, со брзото изолирањето на оние кои имаат сиптоми, но сепак со инсистирање на физичкото присуство, најмалку што сакаат е да наштетат на психо-физичкиот развој на децата.

Одговарајќи на новинарско прашање, Петличковски рече дека брзите тестови имаат помала специфичност за детектирање на омикронот отколку на делта сојот. Таа специфичност, како што рече, се движи некаде над 50 отсто и ќе бидат некако употребливи.

Петличковски информира дека и во моментов протоколите не се со изолирање на целото училиште, туку со учениците кои се во непосредна близина на ученикот или студентот кој излегол позитивен. Тие одат во изолација, дури и тестирање не се предлага доколку немаат симптоми. Се тестираат со PCR-тест само симптоматските пациенти.

Новиот претседател на Комисијата за заразни болести нагласи дека омикронот може да го избегне имунитетот постигнат од прележување на делта варијантата и може да го избегне и имунитетот кој е постигнат со вакцина ако таа е примена долго време претходно.

– Затоа единствен начин да се намали бројот на реинфекции останува вакцинацијата против Ковид-19, вклучително третата доза за која има многу студии кои укажуваат дека заштитата од инфекција пораснува над 80 проценти со нејзина примена, истакна Петличковски.

Одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата на која министерот за здравство Беким Сали го соопшти наградениот состав на Комисијата рече дека инсистираат и понатаму да останат постојните мерки за заштита, маски, дистанца.

Мехмедовиќ рече дека нема да има промена во делот на тоа како се користат сертификатите.

– Сметаме дека на тој начин најдобро ќе се заштити популацијата која нема создадено имунитет. Трансмисијата на вирусот е се уште на високо ниво. Се наоѓаме во зимски месеци кога таа преносливост е дополнително олеснета и доколку сега направиме еден таков радикален чекор за укинување на ковид сертификатите особено ако земеме предвид дека имаме многу низок степен на вакцинација тоа ќе биде нешто што може дополнително значително да го оптовари здравствениот систем и сега таа мерка би била апсолутно контрапродуктивна и затоа нема да се разгледува во наредниот период додека се уште сме во ваква кризна состојба, додаде д-р Мехмедовиќ, одговарајќи на новинарски прашања.

Д-р Илир Демири од Инфективната клиника, кој е член на Комисијата, рече дека луѓето не треба воопшто да се опуштат дека омикрон варијантата е полесна.

– Омикрон варијантата е полесна во поголемиот дел од инфицираните, меѓутоа не заборавајте дека добар дел од тие кои лесно ја поминуваат се вакцинирани. Кај одредена популација која не е вакцинирана омикронот знае да има тешка клиничка манифестација. Во моментот работиме со исполнети капацитети. Во координација сме и со други ковид центри. Бројот на пациенти кои имаат потреба за хоспитално лекување е значително зголемена. До денеска немам евидентирано ниту еден пациент кој е починат од Ковид-19, кој е редовно вакциниран без коморбидитети, а сум сведок на многу пациенти без коморбидитети, невакцинирани кои починале, рече д-р Демири.

Тој апелираше до граѓаните дека единствената мерка која би не заштитила и за полесно да се помине Ковид-19 е вакцинацијата.

– Граѓаните треба да се вакцинираат, бидејќи моментално тоа е спас од Ковид-19, додаде д-р Демири, одговарајќи на новинарски прашања.

Имено, Министерството за надворешни работи, согласно препораките од Европската комисија вчера соопшти дека македонските граѓани кои ќе сакаат да влезат во Германија ќе мора да имаат сертификат за вакцина со две дози од призната вакцина од ЕМА/Германија со важност од девет месеци наместо досегашните 12 месеци.

Сертификатот за вакцинација со три дози призната вакцина од Германија засега ќе имаат неограничена важност.

Од МНР посочија дека патниците при влез ќе треба да ја имаат предвид важноста на нивниот сертификат со цел да не им биде одбиен влез.

-Во Шпанија, според новите правила, се прифаќаат потврдите за извршена имунизација со две дози вакцини од надлежните органи на Република Македонија, доколку се поминати 14 дена од датумот на прием на втората вакцина и доколку не поминале повеќе од 270 дена од датумот на прием на втората вакцина. По истекот на рокот од 270 дена, сертификатот за имунизација издаден од надлежниот орган на земјата на потекло мора да содржи доказ за прием на трета (booster) вакцина, се наведува во соопштението.

Шпанските власти соопштуваат дека влез со PCR или NAAT тестови ќе биде дозволен само за патници кои имаат соодветна шпанска виза или дозвола за престој во Шпанија. Сертификатите за имунизација со две вакцини кои не се признаени од WHO и ЕМА ќе се прифаќаат само ако третата примена вакцина е признаена од страна WHO и ЕМА.