Вкупниот број на КОВИД-дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 256.996, од кои во моментов активни се 20.020. Во изминатото деноноќие беа регистрирани 718 нови случаи на КОВИД-19 од направени 3.044 тестирања. Регистрирани се 95 реинфекции.

Најголем број активни случаи има во Скопје – 11.012, потоа Битола – 1.542 и Прилеп – 785. Најмалку активни случаи има во Дојран – 13, Дебар – 20, Демир Капија – 21…

Во текот на изминатите 24-часа починаа 22 лица, од кои девет биле целосно вакцинирани, а кај 18 се регистрирани коморбидитети.

Во земјава се уште се очекува дали изолацијата ќе биде скратена од десет на седум дена за ковид-позитивните пациенти. Препораката во петокот ја донесе Комисијата за заразни болести, која треба да се најде на разгледување пред Главниот кризен штаб, а потоа на владина седница.

Во општина Гевгелија има рекордно зголемување на бројот на пациенти инфицирани со сојот омикрон. Само изминатата недела биле регистрирани 188 новозаболени од чија потреба за прегледи и лекување се чувствува притисок врз здравствените капацитети и здравствените работници.

Во Штип има заразени лекари, медицински сестри, техничари и болничари од Клиничката болница, кои се на домошно лекување. И покрај големиот притисок од пациенти на Инфективното одделение, но и направената реорганизација на кадарот поради тоа што имаат еден дел заразени, надлежните од болницата велат дека засега не размислуваат да ја пуштат во употреба модуларната болница.

За разлика од Гевгелија и Штип, во текот на изминатиот викенд двајца пациенти се примени во ковид – центарот во Клиничката болница во Тетово. Вкупно девет пациенти се лекуваат во ковид-центарот.