Состојбата со пожарот во Јасен влошена, но брзата интервенција го запре огнот
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информира дека состојбата со пожарот во Јасен се влошува. Огнот на едно место се искачил до гребенот, но со брза интервенција е запрен.
„Состојбата на пожарот во Јасен повторно се влошува. Огнот тргна нагоре по гребенот. Се приближи кон зелениот пат кој ни е линија на одбрана за да не се префрли од другата страна. Овде се вработени во Јавното претпријатие Јасен поддржани од пожарникари од Македонски Брод, како и возачите и пинцгауерите на ДЗС“, изјави Ангелов.
Според информациите од Центарот за управување со кризи, до 18 часот на територијата на државава има вкупно осум пожари на отворен простор. Од нив, активни се два, а шест се изгаснати.
Активни се пожарите во Јасен, каде што гори мешана шума, и во село Калдарец, Китка, каде што гори мешана вегетација. Вработените и службите за заштита и спасување продолжуваат со работа за да ги ограничат огнените линии и да спречат проширување на пожарот.