Надминати се девет илјади (9539) активни случаи на КОВИД-19 во земјава со новите потврдени 632 од вчерашната статистика за поминати 24 часа. Над половина активни односно 5558 се во Скопје. Трицифрени бројки на заразени во моментов имаат уште 12 града, најмногу се во Битола – 755 и Прилеп – 546, а над 300 активни имаат Охрид – 396 и Кавадарци – 301.

Од новите 632 случаја, потврдени од направени 6531 тест, 470 се во Скопје. Од последици од КОВИД-19 во последното деноноќие починале седум лица и со нив вкупниот број луѓе кои ја загубија битката со коронавирусот е 8023. Од почетокот на епидемијата бројот на КОВИД-дијагностицирани во нашата земја достигна 232 068, а оздравени се 214 506 пациенти.

Во светот надмина 300 милиони вкупниот број регистрирани КОВИД-случаи. Тоа се должи на новите рекорди на инфицирани во десетици земји во текот на минатата недела поради брзото ширење на сојот омикрон. Во изминатите седум дена, 34 земји го регистрирале својот најголем број неделни случаи од почетокот на пандемијата, вклучувајќи 18 нации во Европа и седум во Африка.

Омикрон предизвика голем скок на инфекции и приеми во болница. Бројот на КОВИД-пациенти во Велика Британија се искачи на 18 454 во четвртокот, двојно повеќе во однос на две недели претходно. Поради зголемувањето на отсуствата на вработени во британските болници, армијата веќе му помага на медицинскиот персонал.

И во регионот се преземаат нови мерки за справување со КОВИД-кризата поради брзото ширење на позаразниот сој на коронавирусот.

Од три региони во северниот дел на Грција в среда ќе почне мобилизација на приватни лекари, кои еден месец ќе помагаат во државните болници во борбата со пандемијата.

Грчките болници се соочуваат со сериозни проблеми и недостиг на персонал со оглед на тоа што околу 2500 здравствени работници се во карантин поради зараза со КОВИД-19. Во карантин во Грција се и околу 2000 полицајци.

Средношколците во Војводина, пак, од утре, кога треба да го почнат второто полугодие, ќе ја следат наставата на далечина поради зголемениот број новозарзени со омикрон.

Во Италија вчера стапи во сила задолжителна вакцинација против коронавирус за Италијанците над 50-годишна возраст.

Оние кои до крајот на месецов не се вакцинирале, примиле втора доза или „бустер“ доза, од 1 февруари ќе бидат казнети со 100 евра. Мерката ќе биде во сила до 15 јуни и ќе важи за сите жители на возраст над 50 години, вклучително и за странски државјани.

Филипинскиот претседател Родриго Дутерте во телевизиско обраќање пред два дена се закани дека невакцинираните луѓе ќе бидат приведени доколку не ја послушаат наредбата да останат дома откако во државата е потврден најголем број новозаразени во изминатите три месеци.

Вкупниот број на инфекции во таа земја е над 2,88 милиони и има повеќе од 51 700 смртни случаи. По Индонезија, тоа е втор најголем број заразени и починати со КОВИД-19 во Југоисточна Азија.

Највисока стапка на смртност од коронавирус во светот има Перу и е на врвот по вкупни смртни случаи од КОВИД-19 по глава на жител. Земјата со 33 милиони жители има повеќе од 6000 на милион починати од болеста.

Во таа јужноамериканска земја повеќе од 202 900 луѓе починале од почетокот на пандемијата. Владата на Перу соопшти дека КОВИД-19 убил најмалку еден родител или примарен старател на речиси 98 000 деца во земјата.