Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески повика на заедничка соработка во рамки на Економско-социјалниот совет за решавање на прашањата што се однесуваат на економијата и животниот стандард на граѓаните.
Тој истакна дека Владата и Министерството за економија и труд спровеле повеќе мерки и активности за подобрување на животниот стандард и зголемување на платите. Според него, во изминатиот период се работело на финансиска консолидација и стабилизација по, како што рече, турбулентен економски период.
– Ние како влада и министерство за економија и труд спроведовме голем број на мерки и активности за подобрување на животниот стандард и раст на сите плати. Изминатиов период се работеше на финансиска консолидација и стабилизација по еден навистина турбулентен период во економијата изминативе 7-8 години, имаме позитивни резултати и врз истите треба да ги градиме идните економски политики – рече Ристески во гостување во емисијата „Стадион“ на радио Канал 77.
Ристески нагласи дека сите прашања се разгледуваат во рамки на ЕСС и дека решенијата треба да произлегуваат од дијалог меѓу сите засегнати страни.
– Оваа Влада не поддржува ад хок решенија за важни економски прашања. Истите не треба да се административно-политикантски одлуки со кои може да се нанесат и други потреси во економијата, туку треба да бидат производ на сериозен пристап, анализа на економските параметри и преговори на инволвираните страни. Токму овој несериозен пристап од минатата политичка гарнитура во јавниот сектор создаде хаотична ситуација со платите, каде истите се регулираат со разни колективни договори, правилници и одлуки, а како резултат на тоа имаме состојби каде денес во исти ресори, па дури и во исти институции, вработени на исти позиции да имаат различни плати – рече Ристески.
Тој додаде дека во делот каде што Владата е работодавач веќе се потпишани повеќе колективни договори. Со нив, како што наведе, на најголем број вработени во јавниот сектор им се зголемени платите во образованието, здравството, МВР, културата и социјалните центри.
Ристески посочи дека остануваат околу 7.300 вработени во министерствата за кои сè уште не е донесено решение.
– Ние како Влада предложивме скалесто зголемување и формула со која до 2028 година и на овие вработени би им се зголемила платата за околу 40% – рече Ристески.
