Бројот на заболени од грип и грипоподобни заболувања продолжува да се зголемува во земјава. Во периодот од 8 до 14 декември се пријавени 126 случаи – раст од 31,3 проценти во однос на претходната недела, соопштуваат здравствените власти.
Случаите на грип растат за над 30% за една недела: најмногу заболени во Тетово, Куманово и Македонски Брод
Тетово со 30 заболени и Куманово со 20 водат по број на пријави, а веднаш зад нив е Македонски Брод со 18 случаи. Во главниот град се регистрирани 15. Иако бројчето во Македонски Брод не е највисоко, токму таму е засегната најголема пропорција од населението – инциденца од 178,0 на 100.000 жители.
Според старосната распределба, најмногу заболени има во групата од 15 до 64 години – вкупно 97 случаи. Пријавени се и 16 случаи кај лица над 65 години, додека кај најмладите бројките се значително пониски: седум заболени во групата 5–14 години и шест кај децата од 0–4 години.
Во Институтот за јавно здравје се тестирани 24 материјали. Детектирани се четири позитивни случаи на грип: три Influenza A(H3) и еден Influenza A(H1)pdm09, како и еден позитивен резултат на RSV тип B. Присуство на SARS-CoV-2 не е утврдено.
Кумулативно, од почетокот на сезоната 2025/2026 се регистрирани 998 случаи – 51,2 проценти повеќе во однос на истиот период лани. Гостивар (244 случаи) и Куманово (241) се на врвот според бројот на пријави, а Македонски Брод повторно е со највисока инциденца – 583,5 на 100.000 жители.
Здравствените институции потсетуваат дека вакцинацијата е најсигурната заштита. За сезоната обезбедени се 80.000 бесплатни четиривалентни вакцини за ризичните групи: лица над 65 години, деца од 6 до 59 месеци, хронично болни, бремени жени и здравствени работници. Досега се вакцинирани 78.730 лица, со бесплатни или комерцијални вакцини.
Епидемиолошкиот надзор покажува дека активноста на грипот и понатаму е спорадична и процентот на позитивност останува под 10 проценти, што укажува дека сезоната сè уште не е во пик. Но, поради континуираниот раст, здравствените власти апелираат на зголемено внимание, особено кај ранливите групи.
Министерството за здравство и ИЈЗ препорачуваат редовно миење раце, избегнување гужви, соодветно облекување, доволен одмор, внес на течности и витамини, а при појава на симптоми – останување дома, избегнување контакти и носење маска при блиски средби.
Случаите на грип растат со над 30% за една недела
