Вкупно 28 пожари се регистрирани во Албанија во изминатите 24 часа, од кои четири и натаму се активни, а три се ставени под надзор, соопшти Министерството за одбрана.
Во гаснењето на пожарите биле ангажирани 350 оперативни припадници и 35 противпожарни возила. Дополнително, вооружените сили учествувале во интервенциите со 50 лица и еден хеликоптер.
Најголемо внимание во моментов е насочено кон округот Дебар, односно подрачјето на Пешкопеја во североисточниот дел на Албанија, во близина на границата со Северна Македонија. Таму се активни два пожара во близина на градот Булќиза.
Во едниот случај пожарот зафаќа ниска вегетација и борови дрвја, додека другиот е на карпест терен со грмушки и смреки, наведува Министерството за одбрана.
Уште два пожара остануваат активни во округот Елбасан, кај Либражд и Прењас. Според надлежните, засега нема опасност за станбените подрачја.
Состојбата на планината Дајти е подобрена. Врнежите што паднаа претходниот ден помогнале во изолирањето на жариштата, откако на терен биле распоредени 38 локални оперативни припадници и 50 припадници на вооружените сили. Областа и понатаму ќе се следи за да се спречи евентуално повторно активирање на огнот.
Во Саранда, пожарот што избувна во центарот на градот е ставен под контрола. Во интервенцијата учествувале Министерството за животна средина, полицијата, Силите за брза интервенција, општинските сили и хеликоптер на вооружените сили. И ова подрачје останува под надзор.
Националната агенција за цивилна заштита продолжува континуирано да ја следи состојбата на територијата на целата земја. Активностите се спроведуваат во тесна координација со префектурите, општините и сите структури на системот за цивилна заштита.
Оперативните капацитети остануваат ангажирани на терен и се подготвени за интервенција, при што приоритет е заштитата на човечките животи, домовите и имотот на граѓаните.
