Полицијата одговори со употреба на солзавец, водени топови и гумени куршуми за време на масовните немири во главниот град. Солзавец беше употребен и со помош на беспилотни летала, додека полициските сили интервенираа на неколку клучни локации во центарот на градот.
Најмалку 35 лица се повредени во денешните антивладини протести во Тирана, каде што дојде до жестоки судири меѓу демонстрантите и полицијата, додека најмалку 10 лица се приведени, јавуваат медиумите.
Според официјалните податоци од Министерството за здравство и социјална заштита на Албанија, до 18 часот во Универзитетската болница за трауматологија и Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“ медицинска помош побарале вкупно 35 повредени лица.
Во болницата за трауматологија се згрижени 30 лица, меѓу кои девет полицајци, 12 демонстранти, шест претставници на медиумите, меѓу кои и еден странски државјанин, како и тројца минувачи.
Уште пет лица се згрижени во Универзитетскиот клинички центар, од кои тројца полицајци, еден демонстрант и еден припадник на служба за обезбедување.
Министерството објави дека четворица од повредените во меѓувреме ги напуштиле болниците, додека останатите се наоѓаат во стабилна здравствена состојба и ја добиваат потребната медицинска грижа.
Протестот, организиран на национално ниво по повод Денот на независноста на Албанија, започна утрово околу 10 часот со собирање на граѓани на плоштадот Скендербег, по што демонстрантите маршираа кон седиштето на владата предводена од премиерот Еди Рама.
Тензиите ескалираа околу пладне, кога дел од демонстрантите почнаа да фрлаат камења, метални и дрвени предмети, петарди и молотови коктели кон полициските кордони и државните институции. Притоа беше предизвикан и пожар на самиот влез во зградата на Министерството за земјоделство.
Полицијата одговори со дејствување со солзавец, водени топови и гумени куршуми. Солзавец беше исфрлан и преку беспилотни летала, додека специјалните полициски сили дејствуваа на повеќе точки низ центарот на Тирана.
Според соопштението на полицијата, најмалку 10 лица се приведени под сомнение за директно учество во вандализам и физички напади врз полициски службеници и институции.
Судирите продолжија во текот на попладневните часови на плоштадот Скендербег, каде што полициските сили правеа напори целосно да ги растераат собраните толпи.
Протестот се одржа на 114-годишнината од прогласувањето на независноста на Албанија, организиран поради незадоволството од политиките на владата на Еди Рама со категорично барање за негова оставка.
