Пописот на населението и домаќинствата во Албанија, како значајна статистичка операција, што беше одложена минатата година, поради пандемијата со Ковид-19, ќе се спроведе во октомври годинава и ќе чини 16 милиони евра.
Според директорката на секторот за социјална статистика, Мајлинда Нестури, точниот датум на почеток на пописот што треба да го одреди парламентот се очекува да трае шест недели.
-Прибирањето на податоците нема да боде рачно на хартија, туку ќе се врши со електронски таблет, за да има поголема сигурност и брзина во обработката на податоците. Овој нов начин има свои предизвици, но ќе ни обезбеди поголем квалитет и ќе го забрза процесот на обработка. Процесот е многу сложен, ќе бидат ангажирани вкупно 8.000 попишувачи, околу 1.200 контролори и 6.000 геодети, изјави Нестури за „MCN Economy“.
На прашањето кои дополнителни елементи ќе има овој попис, Нестури рече дека прашалникот за 2022 година ќе биде ист како оној во 2011 година. Меѓу другото, таа додаде дека пописот е регулиран со конкретен закон, притоа нагласувајќи дека прашањата за етничките малцинства се на основа на доброволно изјаснување.
-Прашалникот ќе ги содржи истите прашања како и на пописот во 2011 година. Cодржи чувствителни прашања, етничка и верска припадност, јазик, прашања за лицата со попреченост, а ќе имаме прашања и за домување, други. Пописот е статистичка активност која е регулирана со конкретен закон и за прашањата поединците се изјаснуваат она што се чувствуваат на добровлна основа и доколку не одговорат сега не е предвидена казна. Апликацијата е организирана на таков начин што одговорот не може да се измени подоцна, ова за да се избегне погрешно толкување, посочи таа.
Инаку, пописот во 2011 година Македонците, Грците, Власите, Ромите, Србите, Црногорците и Египќаните го бојкотраат пописот, поради „дискриминаторскиот закон за попис со кој се предвидуваше казна од илјада долари за секој кој ќе каже друга етничка припадност од онаа што му пишува во матичната евиденција“.
Поради бојкотот тие беа попишани според матичната евиденција.
Исто така малцинствата не ги признаа резултатите од пописот, поради тоа дека „пописниот процес бил преполн со манипулации, злоупотреби и ја немало потребната транспарентност, поради што за малцинствата тој е целосно неуспешен“.