Најновите податоци на Евростат покажуваат дека во 2024 година на секои 1.000 жители, населението на Албанија се намалило за 12 лица, докажувајќи дека земјата поминува низ невидена депопулација во мирно време.

– Оваа бројка значи дека само во 2024 година, Албанија изгубила околу 29.000 жители како резултат на емиграцијата, што е невообичаено за земја која не е во војна. Споредбата со Европската Унија е шокантна. Просекот на ЕУ за овој индикатор се движи во позитивни бројки, околу плус 5,2 на 1.000 жители, што значи дека во истата година во ЕУ се додадени повеќе од пет лица на 1.000 луѓе. Додека Европа расте и станува побогата со човечки капитал, Албанија сè уште служи како нето извозник кој ја губи својата работна сила, објавија медиумите.

Дури и во регионот на Западен Балкан, Албанија останува во „најжешката зона на кризата“. Додека земји, како Србија, покажуваат поголема отпорност во однос на миграцијата, Албанија е најтешко погодена.

Овој феномен ја турка земјата кон опасна демографска раскрсница. За разлика од минатите децении, кога природниот раст и раѓањата донекаде ја избалансираа емиграцијата, денес Албанија е погодена од двете страни, стапката на наталитет падна на историски ниски нивоа, додека продолжува високиот одлив на млади луѓе.

– Во Европа, позитивната нето миграција им помага на земјите да се справат со стареењето, но во Албанија, негативната бројка го забрзува намалувањето на населението и стареењето на земјата. На овој начин, Албанија секоја година губи население на просечен град како Лежа или Каваја, констатираат медиумите.

По падот на тоталитарнот режим, односно по 90-тите години од минатиот век, бројот на населението во Албанија е преполовено. Земјата ја напуштиле повече од два милиона албански граѓани, најмногу во Грција, Италија, Велика Британија, САД. Според проценките, доколку депоплацијата продолжи со ова темпо, нацијата се очекува да падне под еден милион до крајот на овој век.

Според пописот на населението и домаќинствата во 2023 година, Албанија има 2.402.113 жители. Споредено со пописот спроведен во 2011 година бројот на популацијата беше помал за 409.864 жители. Во 2001 година попишани биле 3.069.275 жители. Опозицијата не ги призна пописните резултати тврдејќи дека во земјата нема повеќе од 1,4 милиони жители. (МИА)