Амбасадорот на Албанија во земјава, Денјон Мејдани, би можел предвреме да ја заврши својата дипломатска мисија во Скопје и да биде отповикан, објави албанската телевизија „А2“, повикувајќи се на извори од Скопје и од албанското Министерство за надворешни работи.

Причините за евентуалното повлекување се поврзуваат со незадоволство во владејачката коалиција, односно во ВМРО-ДПМНЕ и во Вреди поради ставовите на Мејдани во дебатите околу прашањето со употребата на албанскиот јазик во Македонија.
Телевизијата потсетува дека Мејдани јавно покажал поддршка за студентите Албанци кои бараат можност да полагаат правосуден испит на албански јазик.

Тој јавно реагираше на социјалните мрежи во врска со задржувањата на студентите од Албанија на границата со Македонија, додека патувале за да го поддржат протестот за правото на употреба на албанскиот јазик на правосудниот испит.

Меидани истакна дека кога студентите се задржуваат за време на мирно патување за граѓанска солидарност, прашањето повеќе не останува само процедурално, туку ја допира самата демократска суштина и европските вредности кон кои се стреми регионот.

Се разгледува можноста Мејдани да биде назначен за амбасадор на Албанија во Косово, а можен нов амбасадор во Македонија да биде Петрит Маљај.

Информациите засега не се официјално потврдени ниту од албанското Министерство за надворешни работи ниту од македонското МНР.