Пратеникот и поранешен министер за внатрешни работи Оливер Спасовски во емисијата „Ноќно студио“ изјави дека очекува во земјава да има предвремени парламентарни избори и порача дека СДСМ мора сериозно да се подготви за секој можен изборен циклус.

„Факт е дека ќе има предвремени парламентарни избори. Тоа го најавував и претходно повеќепати“, рече Спасовски.

Тој нагласи дека секоја политичка партија мора постојано да биде подготвена за избори, без разлика дали станува збор за редовни или предвремени парламентарни избори.

„Партијата мора да биде подготвена секогаш за какви било избори што ќе ги имаме“, истакна Спасовски.

Според него, партиското раководство треба уште поинтензивно да работи на организациско и програмско консолидирање на партијата, со цел да се изгради сериозна алтернатива на актуелната власт.

„Раководството на партијата треба да работи уште повеќе, и од организациски и од програмски аспект, за да може СДСМ да настапи како организирана структура која ќе биде алтернатива на актуелната власт“, порача Спасовски.