Денеска, 14 март 2025 година, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изрази жалење што бугарската влада ги повлече средствата предвидени за реконструкција на делот од пругата Софија до Ѓуешево, дел од железничкиот Коридор 8. И покрај ова, тој нагласи дека Македонија останува цврсто посветена на реализацијата на овој проект, со активни работи на втората секција од железничкиот Коридор 8, во должина од 34 километри, меѓу Бељаковце и Крива Паланка.
Александар Николоски: Продолжуваме со изградба на делот меѓу Бељаковце и Крива Паланка
Александар Николовски истакна дека Македонија останува посветена на изградбата на железничкиот Коридор 8, важен не само за државата, туку и за регионот и Европа.
„Ние сме целосно ангажирани во реализацијата на железничкиот Коридор 8. Во моментов, интензивно се работи на втората делница од 34 километри, што се протега од Бељаковце до Крива Паланка. Првата делница од Куманово до Бељаковце ја пуштивме во јануари и продолжуваме да бидеме посветени на соработка со Бугарија за да најдеме заеднички прифатливо техничко решение за тунелот што треба да ги поврзе двете земји, како и за изградбата на третата делница, бидејќи веруваме дека Коридорот 8 е од огромно значење не само за Македонија, туку за целиот регион и Европа – тој е НАТО коридор, втор по важност за Алијансата, и нашата посветеност е непроменета“, изјави Николосски.
Жалење за бугарската одлука и политички пораки
Николоски изрази разочарување од одлуката на Бугарија да ги повлече средствата за реконструкција на пругата од Софија до Ѓуешево.
„Со големо разочарување ја примивме веста што стигна вчера, а сега е и официјален документ усвоен од бугарската влада, со кој тие решија да ги укинат средствата што претходно беа наменети за обновување на делот од пругата меѓу Софија и Ѓуешево. Имајќи предвид дека пругата постои, но е во катастрофална состојба во Бугарија, таа е практично неупотреблива, па не може да се изгради тунелот ниту спојницата со Ѓуешево. Уште поважно, потребна е целосна реконструкција од Ѓуешево до Софија за да се поврзат Скопје и Софија“, појасни тој.
Тој додаде дека одлуката на Бугарија да ги пренасочи средствата за други проекти открива вистински намери.
„Со оглед на тоа што решија средствата за обнова на делниците од Софија до Перник и од Перник до Радомир да ги насочат кон пруга од Софија до Бургас, мислам дека јасно испраќаат политичка порака за нивната посветеност, или подобро кажано, непосветеност на изградбата на железничкиот Коридор 8. Оваа одлука, исто така, ги разобличува сите пропаганди што се водеа изминатите седум месеци против владата, особено против премиерот Мицкоски и мене, дека наводно имаме нешто против Бугарија, дека не сакаме да се поврзуваме или дека сме дел од некаква оска Атина-Скопје-Белград и слични неосновани тврдења. Вистината сега излезе на виделина – сето тоа беше само залажување пред јавноста и европските институции, а нивните намери очигледно беа сосем поинакви“, истакна Николовски.
Идни чекори и значење на Коридорот 8
Александар Николоски подвлече дека Македонија е посветена на дијалог со Бугарија за изнаоѓање на заедничко решение за тунелот и третата делница, нагласувајќи го значењето на железничкиот Коридор 8 како НАТО коридор од стратешко значење за регионот и Европа. Додека Бугарија ги пренасочува своите ресурси, Македонија продолжува со активностите на терен, со надеж дека ќе се најде техничко решение за поврзување на двете држави.