Илхам Алиев истакна дека заедно со ерменскиот премиер го номинирал Доналд Трамп за Нобелова награда за мир поради неговите мировни напори
Трамп заслужува Нобелова награда за мир. Изјави денеска претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев. Нагласи дека заедно со ерменскиот премиер Никол Пашињан го номинирале американскиот претседател за ова признание.
Алиев во интервју за телевизијата „Ал Арабија“ истакна дека Трамп направил значајни чекори во повеќе региони. „Тој навистина ја заслужува. Како што реков во Вашингтон, за неколку месеци тој направи чудо во Африка, во Азија, на Јужен Кавказ. И тоа е во неговиот карактер. Тоа е неговата природа. Тој сака мир. Тој е личност која воопшто не се вклопува во традиционалната слика на западниот лидер“, рече Алиев, пренесе РИА Новости.
Американскиот претседател посредуваше во потпишувањето на мировниот договор меѓу Азербејџан и Ерменија, кој во август беше потпишан во Белата куќа. Со заедничката декларација што ја потпишаа Алиев и Пашињан, двете страни се обврзаа на траен прекин на судирите. Воспоставување трговски и дипломатски односи и почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет.
Во февруари годинава, Трамп изјави дека заслужува Нобелова награда за мир. Ова не е единствена номинација, бидејќи претходно јужнокорејските медиуми јавија дека потпретседателот на парламентарниот разузнавачки комитет на Јужна Кореја, Парк Сунг-вон, го номинирал Трамп за Нобелова награда за мир.
Конгресменот Ерл Бади Картер поднесе официјално барање до Нобеловиот комитет со кое го предложи Трамп за Нобелова награда за мир поради неговите напори во решавањето на иранско-израелскиот конфликт.
Исто така, пакистанската влада предложи номинација на Трамп за Нобелова награда за мир, како признание за неговото посредување во конфликтот меѓу Пакистан и Индија.