Фокус на медицината заснована на докази и трансплантацијата

Министерот за здравство Азир Алиу се обрати на 18. Европски конгрес на абдоминални хирурзи, нагласувајќи дека темите на настанот се клучни за иднината на здравството.

Тој посочи дека медицината заснована на докази и трансплантацијата се меѓу најважните области за развој на системот.

„Науката не е само стратегија и систем, туку и човечка приказна. Таа се одвива во операционите сали, во рацете на лекарите и во одлуките што спасуваат живот. Токму трансплантацијата е најсилниот пример – врв на медицинската наука, но и чин на најдлабока хуманост. Успешните трансплантации на црн дроб и бубрег реализирани деновиве, како и 16 трансплантации на рожница во соработка со експерти од САД, се доказ дека со заедничка работа, знаење и меѓународна поддршка се постигнуваат значајни резултати. Тоа е потврда дека и мала држава може да развива силни човечки и научни ресурси кога постои јасна визија и институционална истрајност“, истакна Алиу.

Меѓународна соработка и размена на искуства

Министерот оцени дека конгресот претставува важна можност за размена на знаење и искуства меѓу експертите. Тој нагласи дека преку меѓународна соработка може да се постигнат уште поголеми резултати во интерес на пациентите.

Конгресот е организиран од Македонската асоцијација на абдоминални хирурзи, во соработка со Европската асоцијација на дигестивни хирурзи и претставува еден од позначајните стручни настани во областа на дигестивната хирургија во регионот.