Над 45 проценти од населението кај нас се активни пушачи, активен пушач значи повеќе од 18 цигари на ден, и бројката на активни пушачи во Македонија е голема, рече министерот за здравство, Азир Алиу во „Директно“ на Телма ТВ во врска со најавениот закон за заштита од пушењето.

„Ние не забрануваме пушење, туку строго дефинираме каде може да се пуши, посочи Алиу.

Нагласи дека научно е докажано дека и пасивното пушење е штетно колку и активното, а тие како Министерство за здравство прават анализа за здравствените проблеми кои се поврзани со пушењето.

„Од првиот ден рековме дека ќе креираме политики базирани на податоци и на потреби. Податоците покажуваат дека дел од здравствените проблеми кај граѓаните во државата директно се поврзуваат со активно пушење. Анализирани се голем број на клинички случаи кои што се пасивни пушачи и исто така имаат здравствени проблеми, дали канцер на бели дробови, дали кардиоваскуларни проблеми, а кои научно се докажани дека се поврзани со пушењето“, рече Алиу.