Отворање на 333 канцеларии за „Една точна за сите услуги“ е одговорот на катастрофалниот учинок на петте пункта кои за една година издале само 1062 документи. Новиот министер за администрација вели дека главниот проблем што сите пет пункта дневно издавале по 4 документи во просек, е неинформираноста на граѓаните дека на едно место можат да добијат услуги од 7 институции.

333 канцеларии ќе значат поврзување со Македонски Пошти. Во секоја Пошта ќе има посебен шалтер каде граѓаните ќе можат да добиваат услуги од другите институции. Вработените во Пошти ќе бидат обучувани и ќе ја преземат работата. На оние места кадешто фалат луѓе, ќе бидат поставени вработени од МИОА.

На тој начин, Алиу смета дека МИОА ќе заштеди на кирија и режиски трошоци, а од друга страна, државата ќе ѝ помогне на Пошта која со години тоне во долгови, иако бизнисот цвета за приватните компании кои се занимаваат со поштенски услуги. Алиу вели дека дел од процентот за издадените услуги ќе се вбризгуваат директно во Пошта и на тој начин ќе му се помогне на Акционерското друштво.

-Нема да креираме нова инфраструктура, значи, ќе ја користиме инфраструктура на АД Пошти, и човечка и физичка. Во која ќе бидат опслужени сите граѓани на ниво на земјата со услугите коишто ЕТУ ги нуди досега, вели Алиу.

За шест месеци отсега треба да профункционира Агенцијата за дигитализација. Според Алиу, Агенцијата ќе биде централно место на сите дигитални процеси во државата. Сите државни службеници од ИТ секторите ќе бидат ќе бидат вработени во неа, а ќе работат за институциите во кои работат сега. Преку оваа Агенција тие ќе можат да добиваат поконкурентни плати, со оглед на тоа што јавниот сектор мака мачи да најде работници, бидејќи просечната плата, според Државната статистика во ИТ секторот е над 90.000 денари, а државата засега не може да се носи со приватниот сектор.

До крајот на годината државата ќе мора да донесе неколку клучни закони на предлог на МИОА, а доколку ги пробие роковите Македонија ќе загуби пристап до милионски суми од европските фондови.

Прашан за алатката „Балансер“, Алиу вели дека лично смета оти треба да се укине и да се постави мерит систем, но бидејќи правото му била слаба страна, последниот збор ќе го имале експертите.

Алиу има поприлично амбициозна агенда која треба да ја реализира за една година. Такви беа и на претходните министри, но МИОА е постојано прва во политичкиот пазар, па за 4 години во министерската фотелја седнаа четворица функционери.