Антикорупционерите се уште немаат увид во целосните документи за изградба на автопатите, иако отворија предмет за надзорот ден по потпишувањето на договорот со Бехтел и Енка и пред две недели ги побараа од Владата сите материјали. Претседателката на комисијата Билјана Ивановска во интервју вели дека им се потребни сите детали за да можат темелно да проверат дали во нив има нешто спорно, а иако се работи за доверлив материјал, членовите на ДКСК имаат безбедносни сертификати и имаат право да го добијат. Клучен проблем според неа е нетранспарентноста кон јавноста за целиот проект.

Зошто Владата се уште не одговорила на барањето на антикорупциската комисија, информација нема. Сите прашања и сомнежи кои се пласираат во јавноста околу договорот, премиерот Ковачевски вели биле одговорени, и на медиумите рече дека им стои на располагање управувачкиот комитет задолжен за изградба на автопатите од коридорите 8 и 10д.

Договорот сега, освен за владата, достапен е единствено за Јавното обвинителството, кое по допрен глас формираше предмет за случајот, но засега нема никаква информација од таму до какви податоци дошле.. По барањето на деветмина опозициски пратеници, вицепремиерот и координатор на проектот Артан Груби изјави дека управувачкиот комитет е подготвен да реферира на затворена седница во Собранието за сите детали во кои опозицијата се сомнева. Засега на собранискиот календар таква седница нема закажано, а не знае ниту кога ќе продолжат комисиите за законските измени потребни за изградба на автопатите. Тоа ќе се случи откако ќе се најде начин за коректна дебата, вели за Канал 5 претседателот на комисијата за труд и социјала Елми Азири. Откри дека размислуваат да ги групираат поднесените 1118 амандмани за 60 часа работна недела, или пак законот од почеток да го поднесат со европско знаменце, а со тоа да се ограничи времето за расправа.