Министерот за здравство Азир Алиу презентираше Национален план за справување со масовни жртви, кој беше усвоен на последната владина седница. Тој оцени дека станува збор за прв ваков документ во државата, изработен со поддршка на Светската здравствена организација (СЗО).
Планот беше претставен на завршната сесија од Меѓународната конференција „Институционални и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани – една година потоа“, организирана од Владата.
Алиу посочи дека документот е резултат на искуствата и лекциите извлечени од повеќе трагични настани што ја погодија државата во изминатите години, меѓу кои автобуската несреќа во Ласкарци, пожарот во модуларната болница во Тетово, автобуската несреќа во Бугарија и трагедијата во Кочани.
– Овој план не е одговор само на едно трауматично општествено искуство кое што го имавме, туку и на повеќе тешки моменти што ги преживеа нашата држава во изминатите години – автобуската несреќа во Ласкарци, модуларната болница во Тетово, автобусот што изгоре во Бугарија, а потоа и Кочани – истакна Алиу.
Според него, секој од овие настани покажал дека при трагедии со масовни жртви, покрај човечката пожртвуваност, неопходна е силна, усогласена и однапред подготвена институционална реакција.
Со имплементацијата на планот, како што рече министерот, се очекува намалување на смртноста и зголемување на стапката на преживување при инциденти со масовни жртви. Дополнително, треба да се унапреди координацијата меѓу институциите, да се подигне оперативната подготвеност на здравствените установи и да се развие систем за обуки, симулациски вежби и континуирано усовршување на професионалците.
– Неговата суштинска вредност е во тоа што јасно ги дефинира улогите и одговорностите на сите надлежни институции и го структуира одговорот на три клучни нивоа. И тоа, на стратегиско ниво, каде што планот предвидува активирање на кризно управување, централизирано донесување одлуки и меѓусекторска координација. На ниво на здравствена установа, планот ја утврдува организацијата на прием и третман на голем број повредени, мобилизација на персоналот, опремата и одржувањето на континуитетот на здравствените услуги. На предболничко ниво на организација на институциите се утврдува теренската тријажа и укажувањето медицинска помош, евакуација, транспорт и воспоставување истурена медицинска станица, каде што е потребно – појасни Алиу.
Министерот информираше и дека е изготвен првиот национален протокол за изгореници, кој, како што рече, претставува важен чекор во стандардизирањето и унапредувањето на третманот на пациенти со изгореници на национално ниво. Тој додаде дека во завршна фаза е и подготовката на АТЛС-протокол за напредно одржување во живот при трауми.
– Искуството од трагичниот настан во Кочани покажа дека изгорениците се меѓу најтешките трауматски повреди и бараат брз, координиран и мултидисциплинарен пристап. Затоа овој протокол се темели на современите препораки од водечките европски и американски протоколи за изгореници, прилагодени на нашиот здравствен систем и ресурсите во државата – нагласи Алиу.
