Министерот за здравство се обрати на Симпозиумот на лекарските комори од Централна и Источна Европа
На денешниот Симпозиум на лекарските комори од Централна и Источна Европа во Скопје, организиран од Лекарската комора на Република Македонија, министерот за здравство, Азир Алиу, истакна дека вештачката интелигенција и управувањето со здравствениот кадар се клучни за унапредување на здравството.
„Примената на вештачката интелигенција во здравството има навистина голем потенцијал за унапредување на здравствената заштита. Не помалку важна е и темата за планирање и управување со здравствениот кадар, бидејќи тој е најзначајниот ресурс во здравството,“ изјави министерот Алиу.
Тој додаде дека очекува заклучоците од овој симпозиум да имаат практична примена во иднината.
„Уверен сум дека овој симпозиум ќе придонесе за подобри услови за работа на лекарите и поквалитетно лекување за пациентите,“ заклучи Алиу.