Со одлуката на Народната банка за воведување администрација во Алта банка АД Битола не е утврдено дека банката е несолвентна, ниту пак ѝ е одземена дозволата за работа. Ова го истакна привремениот администратор на Алта банка Илија Андовски за време на надзорната расправа пред собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Андовски нагласи дека во овој случај станува збор за посебна супервизорска мерка која е предвидена во Законот за банки. Преку неа Народната банка презема институционално постапување со цел да се спречи понатамошно влошување на состојбата, да се заштити имотот на банката и да се зачуваат интересите на депонентите и доверителите.

Обврска на администраторите именувани од Народната банка е во законски рок од 21 ден од нивното назначување да ја утврдат целокупната состојба на банката и да достават детален извештај до Извршниот одбор на Народната банка.

Во врска со солвентноста на банката пред моментот на воведување на администрацијата, Андовски образложи дека институцијата била солвентна, ликвидна и ги исполнувала сите супервизорски стандарди.

„Приоритет во текот на администрацијата е да се заштити имотот на банката, да се управува со нејзиното работење во рамки на утврдените ограничувања со решението и да се зачува континуитетот на дозволените банкарски активности во согласност со интересите на депонентите и доверителите“, изјави Андовски.

Како клучна причина за воведување на привремената администрација, Андовски го посочи одземањето на дозволата за работа на Алта банка АД Белград од страна на Народната банка на Србија на 30 октомври годинава, која поседуваше доминантен удел од над 95 отсто во акционерскиот капитал на битолската банка.

„Со одземањето на дозволата за работа на српската банка таа повеќе не го исполнуваше законскиот услов за акционер со квалификувано учество во домашната банка. Поради тоа на 1 ноември 2026 година Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука за повлекување на претходно издадената согласност на Алта банка АД Белград за стекнување квалификувано учество во Алта банка АД Битола. Повлекувањето на согласноста отвори прашања во однос на идната сопственичка и управувачка структура на домашната банка, континуитетот на нејзиното работење, функционирањето на органите на банката, како и довербата на депонентите и другите доверители. Имајќи ги предвид овие околности и потенцијалните околности врз солвентната позиција на банката Извршниот одбор на Народната банка донесе решение за воведување администрација во Алта банка АД Битола, бидејќи настанаа околности кои можат да ја загрозат нејзината солвентност“, појасни Андовски.

Спроведувањето на мерката е предвидено за период од три месеци. Во однос на реализацијата, Андовски посочи дека се именувани тројца администратори од редовите на вработените во Народната банка, кои настапуваат како тим со еднакви овластувања согласно надлежностите од Законот за банките.

„Со воведувањето на администрацијата согласно решението ги преземаме и овластувањата на Управниот и Надзорниот одбор на банката, како и овластувањето на Собранието на акционери. Во таа насока преземени се активности за заштита на нејзиниот имот и документација“, посочи Андовски.

Во рамки на расправата беа одговорени и прашања од пратениците Благој Бочварски и Драгана Бојковска кои се однесуваа на конкретните финансиски показатели на банката.

„Во однос на солвентноста, последните расположливи супервизорски извештаи покажуваат дека банката имаше стапка на соодветност на капиталот од преку 26%. Законскиот минимум е 8%. Во однос на ликвидноста, учеството на ликвидна во вкупна актива беше околу 40%, стапката на покриеност на ликвидноста беше околу 566%. Законскиот лимит е 100%. Во однос на квалитетот на кредитното портфолио стапката на нефункционални кредити беше 2,9%, што е некаде во рамки на просекот на банкарски систем. Оттука, пред воведување на администрацијата стануваше збор за солвентна, ликвидна банка, којашто ги исполнуваше сите супервизорски стандарди“, рече Андовски.

Запрашан за профитабилноста низ годините, администраторот посочи дека во третиот квартал годинава банката евидентирала загуба од 48 милиони денари.

„Ваквата загуба произлегуваше од стратегијата на акционерот којшто презеде интензивни вложувања во ИТ опрема, сервери, нови дигитални канали, нови вработувања и поради растот на оперативните трошоци имаше пораст во загубата, односно банката првпат забележа загуба“, рече Андовски.

Андовски исто така нагласи дека банката поседува квалитетно кредитно портфолио и регистрираната загуба не произлегува од издвојување резервации за кредитен ризик, при што високата стапка на соодветност на капиталот може целосно да го апсорбира овој финансиски резултат.

Во врска со постапувањето на Дирекцијата за вонтеренска супервизија и лиценцирање, беше појаснето дека таа стручно ги обработува сите барања за издавање дозволи и согласности, при што во рамките на Народната банка функционира строго воспоставен систем на интерни контроли.