Според Алтернатива, која со владината реконструкција од власт премина во опозиција, ДУИ е отуѓена од сопствениот народ, а тоа, како што велат, е најсилна мотивација за Албанците на следните избори да го казнат овој модел на владеење што ги држи во заложништво

Слоганот „Тој доаѓа“ ќе биде сменет со „Тој заминува“, прогнозира доскорешниот владин партнер Алтернатива коментирајќи го синоќешниот митинг на ДУИ во Чаир, кој го нарече бесцелен собир со кој се прикрива нечиј страв. За таа цел, велат од партијата, не се штедат ресурси и се злоупотребува секој атом од извршната власт.

Алтернатива ѝ замери на ДУИ оти во време кога Албанците во земјава врзуваат крај со крај, таа е фокусирана на, како што велат, задушување на внатрепартискиот револт.

„Да ја парафразираме онаа народната: Селото гори, а Артан игра фудбал и кошарка во државни кабинети и собира партиски активисти во спортски сали“, порачаа од Алтернатива коментирајќи го синоќешниот партиски собир на ДУИ во Чаир.

Според Алтернатива, која со владината реконструкција од власт премина во опозиција, ДУИ е отуѓена од сопствениот народ, а тоа, како што велат, е најсилна мотивација за Албанците на следните избори да го казнат овој модел на владеење кој ги држи во заложништво.

 

„Алтернатива е подготвена да биде олеснувач во процесот на окрупнување и обединување на општествените сили кои се подготвени конечно да се пресметаат со династијата на ДУИ“,

 

додаваат од Алтернатива во партиското соопштение.

 

Демократската унија за интеграција (ДУИ) синоќа одржа голем митинг во Чаир – упориштето на „огнената група“ од партијата, која подолг период бара смена на првиот вицепремиер Артан Груби, но и на други други функционери на ДУИ од партиските органи и од извршната власт поради нереализирање на партиската програма.

 

Од митингот, Ахмети порача дека е горд на кадрите на неговата партија во Владата и дека треба да се задржат и да се поддржат, а не да се задуши ДУИ. Порача и дека патот кон ЕУ нема да се запре со пропаганда кон Артан Груби.

 

„Ние не сме воз туку незапирлив ураган, и не излегувајте пред него зашто ќе ве оддува“, рече Ахмети.

Предводникот на „огнената група“ од ДУИ, Изет Меџити, во интервју за ТВ Клан вели дека е изненаден од пораките на партискиот лидер Али Ахмети од синоќешниот митинг во Чаир и нагласи оти тој такви пораки не испраќал ниту до своите најголеми противници.

 

„Не ми е јасно зошто им го прави тоа на синовите. Каде одите со овој ураган? На сопствените синови? На оние кои му служеа 20 години?“, вели Меџити.