Демократската унија за интеграција (ДУИ) реагираше на распределбата на ученичките стипендии за учебната 2026/27 година, од каде тврдат дека албанските ученици биле недоволно застапени меѓу добитниците.
Според податоците што ги објави партијата, од вкупно 817 доделени стипендии, само 80 им припаднале на албански ученици, односно помалку од 10 отсто.
ДУИ посочува дека во категоријата за талентирани ученици не е доделена ниту една стипендија на албански ученик, иако во оваа категорија биле распределени вкупно 50 стипендии. Кај талентираните уметници, пак, од 150 стипендии, само четири добиле албански ученици.
Од партијата бараат Министерството за образование и наука и заменик-министерот Дритон Сулејмани јавно да објаснат како биле спроведени постапката и изборот на корисниците. Истовремено, ја повикуваат коалицијата ВЛЕН да преземе одговорност и да обезбеди транспарентност во распределбата на стипендиите.
ДУИ бара објавување на целосните податоци за бројот на пријавени ученици, освоените бодови и избраните кандидати по категории, како и детално образложение на критериумите врз основа на кои биле донесени одлуките.
Од партијата порачуваат дека стипендиите треба да се доделуваат според правични и еднакви услови, а институциите имаат обврска да обезбедат еднакви можности за сите ученици.
