Во претпладневниот дел од денешната работа Комисијата не ги прифати амандманите од пратеникот Халил Снопче од Алијанса за Албанците со кој се бараа средства за поставување мерни станици во сите општини во земјава за следење на квалитетот на амбиенталниот воздух, како и на Бети Стаменкоска Трајкоска од ВМРО-ДПМНЕ со кој се бараа 15 милиони денари за поставување две мерни станици во Општина Кисела Вода од кои едната во населбата Драчево.

Заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски објасни дека заштитата на животната средина е еден од приоритетите на Владата и истакна дека во Буџетот се предвидени две милијарди денари за таа намена или за 45 отсто повеќе во споредба со минатата година. Сепак не ги прифати поднесените амандмани.

Во реплика пратеникот Дарко Каевски од СДСМ посочи дека во паркот во Кисела Вода веќе е поставена мерна станица, а во постапка за поставување е во населбата Драчево. Стаменкоска Трајкоска му покажа слики што ги направила сама, од кои, како што рече, се гледа дека не работи мерната станица во паркот „Македонија“ во Кисела Вода. Каевски, пак, ја покани по завршувањето на седницата заедно да одат и да видат дали станицата работи или не, бидејќи, како што истакна, од сликата ни тој, ниту граѓаните не можеле да видат дали станицата функционира или не.

За вториот амандман поднесен од Стаменкоска Трајкоска, со кој побара 20 милиони денари за енергетско ефикасни фасади за старите згради во Кисела Вода, заменик министерот Ковачевски посочи дека не се прифаќа, бидејќи веќе има проект од 25 милиони евра за подобрување на енергетската ефикасност на јавните општински згради. Расправата по амандманот ќе продолжи по редовната едночасовна пауза.

Комисиската дебата за амандманите целосно ќе заврши на десетиот ден, независно колку амандмани се поминати. Извештајот за работата на Комисијата и ребалансот потоа се враќа назад во Владата која во рок од три дена треба да го врати со вградените прифатени амандмани до Собранието, по што се одржува пленарна седница, која може да трае најмногу пет дена. Се очекува ребалансот на Буџетот да биде донесен пред крајот на месецов.

Со предложениот ребаланс на Буџетот приходите се проектирани на ниво од 222,6 милијарди денари и се за 4,7 отсто повисоки во однос на иницијалниот Буџет за 2021 година, што според предлагачот се должи на добрата реализација на приходите од почетокот на годината. Расходите се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6 проценти повеќе во однос на иницијалниот Буџет. Дефицитот е позициониран во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 отсто од БДП.

Зголемување има и кај капиталните расходи за 6,5 милијарди денари и се проектирани на ниво од 30,5 милијарди денари. Нивното учество во вкупните расходи на буџетот од иницијално планираните 9,4 проценти, се зголемува на 11,3 проценти што е повисоко ниво од просекот во последните десет години.