Американската амбасада денеска му упати кодирана порака во врска со неговото прогласување персона нон грата од американскиот Стејт департмент.

Бериша на Националното собрание на партијата на 11 декември, побара од Стејт департментот да ја преразгледа одлуката за негово прогласување за непожелна личност во САД, а како одговор на тоа Американската амбасада во Тирана денеска ја објави листа на лица прогласени за персона нон грата, наведувајќи дека за ниту еден од нив не е поништена одлуката.

Амбасадата наведува дека бројот на лица прогласени за непожелни од страна на Вашингтон е над 200 и додава дека нема „извинување за лицата прогласени за нон грата за значителна корупција“.

Стејт департментот вчера реагираше поради обвинувањата на Бериша упатени до амбасадорката Јури Ким, велејќи дека се однесува како гувернер „идентично како поранешни руски амбасадори во Тирана“ и оти се „заканувала на членовите на ПД, исто како Енвер Хоџа“.

Портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс истакна дека Вашингтон е загрижен за неоправданите напади врз нивната амбасадорка во Тирана.

– Овие грди напади не го претставуваат албанскиот народ. Како што е наложено од Вашингтон, амбасадорката Ким јасно ги објасни и имплементира политиките на САД, вклучително и решеноста на претседателот Бајден да ги повика на одговорност оние кои се вклучени во корупција или ја поткопуваат демократијата, изјави Прајс.

На тоа реагираше Бериша кој рече дека толкувањето на критиките како напади не е правилно, бидејќи според него тоа е чиста форма на дипломатско малтретирање.