Во Соединетите Американски Држави денеска се одржуваат избори на средината од претседателскиот мандат на Доналд Трамп. Се избираат сите 435 членови на Претставничкиот дом и 35 сенатори, а право на глас имаат околу 250 милиони граѓани.
Иако претседателот не се избира на овие избори, нивниот исход ќе одреди кој ќе го контролира Конгресот во втората половина од мандатот на Трамп. Републиканците во моментов имаат мнозинство во двата дома.
Во Сенатот, републиканците имаат 53 места, демократите 45, додека двајца независни сенатори гласаат заедно со демократите. Во Претставничкиот дом, републиканското мнозинство е тесно.
Сепак, анкетите покажуваат дека Демократската партија има големи шанси да ја преземе контролата врз Претставничкиот дом, како и значителна можност да освои мнозинство и во Сенатот. Ваквиот изборен исход се нарекува и „син бран“ (blue wave), а најголем придонес за него би имала непопуларноста на актуелниот американски претседател.
Од друга страна, Републиканската партија се надева дека анкетите ќе се покажат како погрешни, но нејзините изборни оперативци веќе повлекле значителни финансиски средства од повеќе изборни трки, со цел да се обидат да го зачуваат барем мнозинството во Сенатот.
Членовите на Претставничкиот дом имаат двегодишен мандат, поради што на секои избори се избираат сите 435 места. Сенаторите, пак, имаат шестгодишен мандат, а на секои две години се избира приближно една третина од составот на Сенатот.
Оваа година на ред се 33 редовни изборни трки за Сенатот и две вонредни, во Флорида и Охајо. Таму се пополнуваат местата што ги напуштија Марко Рубио, кој сега е државен секретар, и Џеј Ди Венс, кој во моментов е потпретседател на САД.
Гувернери се избираат во 36 сојузни држави. Во зависност од државата, на гласачките ливчиња се наоѓаат и кандидатите за државни обвинители, членови на државните парламенти, судии, како и носители на бројни локални функции.
Новиот состав на Конгресот ќе започне со работа на 3 јануари 2027 година.
Истражувачкиот центар „Пју“ (Pew Research Center), врз основа на податоците на Бирото за попис на населението на САД, проценува дека на овие избори право на глас имаат околу 250 милиони полнолетни американски државјани. Тоа е за 8,4 милиони повеќе во споредба со изборите во 2022 година.
Според „Пју“, повеќе од половина од овој пораст се должи на гласачите со латиноамериканско потекло, чиј број сега изнесува 39 милиони. Белците и понатаму се најголемата група и сочинуваат 61 отсто од гласачкото тело, додека во 2006 година нивниот удел изнесувал 74 отсто.
Според распоредот објавен од „270toWin“, првите избирачки места ќе бидат затворени во делови од Индијана и Кентаки во 18 часот по локално време, односно на полноќ по средноевропско време. Тогаш се очекуваат и првите изборни резултати.
Повеќето сојузни држави на истокот ќе ги затворат избирачките места до 2 часот по полноќ по наше време, кога се очекува и првиот поголем бран резултати. Избирачките места во Калифорнија ќе бидат затворени во 5 часот наутро, а последните, на западните Алеутски Острови во Алјаска, во среда во 7 часот по наше време.
Конечните резултати од одделни изборни трки би можеле да се чекаат со денови.
