Доктор и медицинска сестра од Итната медицинска помош биле физички нападнати пред поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје. Според пријавата, во нападот учествувале татко и син.

По инцидентот реагираше Лекарската комора, која остро го осуди насилството врз здравствените работници и побара итна реакција од надлежните институции.

Од Комората апелираат до Министерството за внатрешни работи и правосудните органи што поскоро да го расчистат случајот и да преземат соодветни мерки против одговорните лица. Воедно потсетуваат дека физички напад врз здравствен работник при извршување на службените задачи претставува кривично дело за кое е предвидена затворска казна до пет години.

„Недозволиво е докторите и медицинскиот персонал да бидат изложени на физичко и вербално насилство и да работат во услови на загрозена безбедност“, посочуваат од Лекарската комора.

Комората најави дека на нападнатите здравствени работници ќе им обезбеди правна и психолошка поддршка, а истовремено побара засилување на мерките за заштита на медицинскиот персонал.

Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“ најостро го осудува физичкиот напад врз доктор и медицинска сестра пред поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, кој се случил во саботата на нивното работно место, додека професионално и одговорно ги извршувале своите работни задачи.

„Насилството врз здравствените работници е апсолутно неприфатливо и недозволиво. Медицинските сестри, техничарите, акушерките, стоматолошките сестри и докторите секојдневно се на првата линија во грижата за здравјето и животот на граѓаните. Тие заслужуваат почит, достоинство и, пред сè, безбедни услови за работа. Ниту еден здравствен работник не смее да оди на работа со страв дека може да биде навредуван, заплашуван или физички нападнат додека им помага на пациентите.
Како Сојуз, бараме од Министерството за внатрешни работи и надлежните правосудни институции итно и целосно да го расчистат случајот, да ги утврдат сите околности и да преземат соодветни законски мерки кон сторителите, велат оттаму.

Истовремено, се додава во реакцијата, Здружението апелира до Министерството за здравство, раководствата на здравствените установи и сите надлежни институции да преземат конкретни и системски мерки за зголемување на безбедноста на здравствените работници на нивните работни места.