Снимка на која американскиот министер за здравство Роберт Ф. Кенеди Јуниор фаќа две змии со голи раце стана вирална, но службите за диви животни предупредуваат граѓаните да не се обидуваат да го повторуваат тоа дома.
Кенеди во описот на видеото објави дека ги отстранувал влекачите од терасата на својот колега, д-р Мехмет Оз, во Флорида. „Шерил навива додека отстранувам пар црни тркачи од терасата на д-р Оз“, напишал Кенеди, очигледно мислејќи на неговата сопруга, актерката Шерил Хајнс. На снимката се слуша женски глас, веројатно нејзин, како прашува: „Зошто?“.
На видеото Кенеди е облечен во кошула, панталони и чорапи, но без чевли, додека им се приближува на змиите, се наведнува и ги зграпчува со раце. Додека насмеан позира пред камерата држејќи ги змиите, кои изгледа како да го касаат, женски глас му вели: „Боби, те молам“.
Неговиот домаќин, д-р Оз, е директор на Центрите за услуги за Медикер и Медикејд, кои се дел од Министерството за здравство што го води Кенеди. Станува збор за вид змија позната како „црн тркач“, која според Националната служба за паркови е неотровна и безопасна за луѓето сè додека не се допре.
Комисијата за заштита на рибите и дивиот свет на Флорида неодамна ги предупреди граѓаните да се држат подалеку од змиите, бидејќи напролет тие стануваат поактивни.
Ова не е првпат Кенеди да биде поврзуван со необични случаи со животни. Во април, на Капитол Хил беше прашан за наводите дека отсекол пенис на ракун угинат на пат, за подоцна да го проучува. Претставничката Аделита Грихалва, демократка од Аризона, за време на сослушувањето му рече: „Утрово прочитав статија за вашата склоност кон самостојно медицинско истражување. Наводно еднаш сте го отсекле пенисот на ракун убиен на патот за да го проучите подоцна“.
Кенеди се соочи со критики од екологистите и пред две години, кога тврдеше дека со моторна пила ја отсекол главата на мртов насукан кит за да ја однесе дома на покривот од својот автомобил.
Cheryl cheerleads the removal of a pair of Black Racers from Dr Oz’s patio. pic.twitter.com/A0iiRzOeIF
— Robert F. Kennedy Jr (@RobertKennedyJr) May 26, 2026
