По масовниот напад врз Киев за време на викендот, Москва се закани со уште еден удар врз украинскиот главен град и ги повика странските дипломати и граѓани да го напуштат градот. Украина и Европската Унија одговорија дека нема да попуштат на заканите и дека Русија не може да ги заплаши со вакви пораки.

Според извештаите, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров лично го контактирал американскиот државен секретар Марко Рубио и му порачал дека американските граѓани треба да го напуштат Киев. Претходно, руското Министерство за надворешни работи соопшти дека претстојните напади ќе бидат насочени кон „центри за донесување одлуки“ и командни места, па ги повика странските државјани, дипломатските мисии и меѓународните организации итно да го напуштат градот.

Од Брисел, сепак, стигна јасен одговор. Амбасадорката на Европската Унија во Киев, Катарина Матернова, порача дека ЕУ нема да го напушти украинскиот главен град.

„Русија повторно им се заканува на дипломатите и странците и нè повикува да го напуштиме Киев. Но, ние не одиме никаде. Русија сака страв, паника и изолација на Украина. Тоа нема да функционира. Европа не оди никаде. Ние остануваме во Киев. Ние остануваме со Украина“, напиша Матернова на мрежата X.

Украина ги оцени руските закани како уцена. Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха ги повика партнерите да не попуштаат на, како што рече, руската реторика. Во разговорот со Рубио, Лавров ги оправдал најавените руски потези како одговор на украинските напади, а Москва се повика на нападот со беспилотни летала во Старобелск кои уби 21 дете меѓу 14 и 18 години.

Заканите следеа по еден од најтешките напади врз Киев од почетокот на војната, во кој загинаа две лица, а 91 беа повредени. Во последните денови Русија испука бројни беспилотни летала и ракети кон Украина, а Москва ја употреби и хиперсоничната ракета „Орешник“, за која тврди дека може да носи нуклеарни боеви глави. Украина во понеделник пријави четири смртни случаи, а во текот на ноќните напади врз Киев за време на викендот беа тешко оштетени и делумно уништени студиото на германската телевизија ARD и канцеларијата на Дојче Веле.

Американскиот државен секретар Марко Рубио, кој е во посета на Индија, изјави дека САД се подготвени да помогнат во завршување на војната. „Секој пат кога ќе ги видите овие масовни напади од едната или другата страна, тоа ве потсетува зошто ова е ужасна војна. Мора да заврши“, рече Рубио по телефонскиот разговор со Лавров. Тој додаде дека руското известување било испратено до сите амбасади, а не само до американската мисија.

Франција, пак, порача дека евакуација не доаѓа предвид. „Навикнати сме на заканите на Путин“, изјави портпаролот на француското Министерство за надворешни работи.

Русија повеќе од четири години спроведува воздушни напади врз Украина, додека Киев одговара со контранапади на руска територија. Преговорите за прекин на борбите во моментов се замрзнати.