Британските медиуми наведуваат дека претставникот на Пентагон, Џон Кирби, денеска потврди дека засега ништо не укажува дека во пукањето има загинати или повредени, како и дека американските војници не пукале ниту на Авганистанците, ниту на било кој друг.
Кирби потврди дека бројот на американски војници на аеродромот во Кабул денеска достигна 4.500, како и дека во следните 24 часа се очекува да пристигнат уште неколку стотици припадници на американските вооружени сили.
Талибанските власти одделно денеска потврдија дека нивните команданти и војници пукале во воздух за да ја растераат хаотичната толпа на аеродромот во Кабул.
-Немаме намера да повредиме никого, изјави талибански претставник за британските медиуми, потврдувајќи дека хаосот продолжува и надвор од аеродромот, обвинувајќи ги западните сили за „хаотичното спроведување на евакуацијата“ од Авганистан.