Со најголемата болка од 2025, влегуваме и во 2026 година. Ако некој најдобро ја разбира тагата на швајцарските фамилии, тоа сме ние Македонците кои за жал истово го поминавме пред девет месеци.

Пишува: Никола Николовски

Трагедиите во Кочани и Кран Монтана, иако оддалечени илјадници километри, се врзани со ист, препознатлив образец. Од вчера читам и гледам дека има ЈЕЗИВО МНОГУ СЛИЧНОСТИ:

1. Идентична почетна точка на пожарот

Во двата случаи пожарот започнал од плафонот. Плафонот бил обложен со сунѓер за аудио-акустика, материјал кој е исклучително запалив и кој при горење создава густ, задушувачки чад. Активирањето било предизвикано од прскалки, односно пиротехнички ефекти. Почетната точка на катастрофата е целосно иста – таванот како прва линија на палење и како прв извор на фатална опасност.

2. Конструкција што го забрзала ширењето на огнот

И во Кочани и во Кран Монтана, ентериерот бил претежно од дрво, а плафонот изработен од лесно запалив материјал. Оваа комбинација овозможила екстремно брзо ширење на огнот и оставила минимално време за реакција. Просторот не бил замислен од аспект на безбедност, туку од аспект на естетика и акустика, при што ризикот бил системски потиснат.

3. Отсуство на противпожарен систем

Во двата локали немало функционален противпожарен систем. Немало автоматска детекција, ниту автоматско гасење. Огнот и чадот не биле навреме локализирани, што овозможило катастрофата да се развие во целосен колапс.

4. Само еден влез и излез

И двата објекта имале само еден влез и излез. Во услови на пожар тоа довело до паника, блокирање на движењето и целосно нефункционална евакуација.

5. „Непреполн локал“ како погрешен аргумент

Информациите укажуваат дека локалот во Кран Монтана дека бил полн, но не бил преполн. Меѓутоа тоа не ја менува суштината. Катастрофата не е толку многу резултат на бројот на луѓе, туку на лошите безбедносни стандарди и на системските пропусти.

6. Речиси идентични последици

Во Кран Монтана досега животот го загубиле 47 лица, а се стравува дека бројката допрва ќе расте. Во Кочани бројката е 62 загинати.

Заклучок

Во двата случаи се повторува истата шема: запалив плафон, дрвен ентериер, еден излез и отсуство на противпожарен систем. Ова не е изолиран инцидент, туку системски дефект со предвидлив исход.
Трагедиите во Кочани и Кран Монтана се копи-пејст. Тие покажуваат дека нефункционалниот безбедносен систем не е локална аномалија, туку поширока појава, присутна и во средини што се сметаат за уредени и безбедни.

Клучното прашање останува отворено: дали системите ќе ја тераат правдата до крај, санкционирајќи го моделот што ги создава ваквите трагедии, или повторно ќе се задоволат со индивидуална вина и со броење жртви. Да не се разбереме погрешно, Швајцарија е далеку понапред и далеку поразвиена, па затоа ова особено се однесува за Македонија бидејќи ние често се водиме од муабетот „имам човек“. Воедно сакам да кажам дека целта со објавата НЕ МИ Е НЕКОЈ ДА АМНЕСТИРАМ ОД ОДГОВОРНОСТ, баш напротив – само сакав да кажам дека е језиво тоа колку сличности имаат двете трагедии.
Бог нека биде со фамилиите на загинатите, но и со повредените и да разбереме – НЕМА ИГРАЊЕ СО ПИРОТЕХНИКА ВО ЗАТВОРЕНИ ПРОСТОРИИ!
Боемот 2.0