Подобрувања, но и падови во користењето на социјалните медиуми од страна на јавните функционери во 2021 година. Потребна е изработка на усогласени правни процедури за примопредавање на корисничките сметки на јавните институции на социјалните медиуми како места каде се обезбедува понепосредна демократија и можност за граѓаните, организациите и компаниите, а особено малдите, да се вклучат во процесите на одлучување, покажува редовната годишна анализа на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП).
Од вкупно 120 пратеници, 115 биле присутни на најмалку еден социјален медиуми во 2021 година. Носителите на извршната власт – Претседателот и Владата во целост биле онлајн, а бројот на активни градоначалници на социјалните медиуми пораснал за три споредено со 2020 година и изнесува 80 од вкупно 81.
-Политичарите и јавните институции се присутни на социјалните медиуми само кога сакаат нешто да соопштат, да се одбранат или да нападнат, а мислењата од граѓаните речиси се неважни, покажува Анализа на ИДУЕП.
За потребите на Институтот анализата ја изработи Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми, а активно беа вклучени и студенти од втора година на отсекот „Односи со јавност“ при Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје.
-Повторно наидовме на веб страници на јавни институции кои не се фокусирани примарно на потребите и услугите за граѓаните, туку главно кон промоција на функционерите, односно објава на класична промотивна содржина. Она што годинава се забележува е дефинитивната потреба од изработка на усогласени правни процедури за примопредавање на корисничките сметки на јавните институции на социјалните медиуми. Ова е особено важно бидејќи политичарите често ќе се менуваат од раководните функции, но институциите мора да имаат континуитет. Ова е нормална демократска пракса во развиените земји и мислам дека е крајно време да ја спроведеме и кај нас, без притоа да зависи од човечката волја, вели авторот на анализата Кордалов.
Кај Претседателот на државата, анализата покажува позитивно непроменет резултат. И во 2021 година, како и во претходните две, претседателот бил истовремено присутен со своја официјална веб страница, како и онлајн активности на Фејсбук, Твитер и Инстаграм.
Во однос на Собранието, се констатира пад за четворица споредено со 2020 година или 115 од вкупно 120 пратеници во Собранието биле активни на Фејсбук минатата година. Анализата покажува и пад за двајца на бројот на активни пратеници на Твитер, односно вкупно 24 биле активни на оваа социјална мрежа. Состојбата на Инстаграм останува непроменета каде свои онлајн активности во 2021, како и во 2020 година имале 35 народни избраници.
-Анализата покажува дека вкупно 11 од 120 пратеници истовремено користеле Фејсбук, Твитер и Инстаграм, додека петмина народни избраници немале свој профил/страна или канал на кој било од социјалните медиуми во 2021 година. Споредено со 2020 година, се бележи пад и во овој сегмент (15 биле активни на сите наведени платформи, а само еден граѓаните не можеле да го контактираат преку Фејсбук, Твитер или Инстаграм.
Раст на онлајн комуникацијата со граѓаните преку социјалните медиуми е забележан кај Владата. Секој член на владиниот кабинет или 20 од вкупно 20 министри биле активни на Фејсбук и во 2021 година. Твитер бил изборот на 16, додека Инстаграм на 15 министри, што е раст за еден споредено со 2020 година. Од министрите 13 биле истовремено активни на сите наведени платформи, што е подобрување за тројца споредено со 2020 година кога вкупниот број на активни министри на наведените платформи изнесувал 10.
Трета година по ред, оваа анализа ги опфаќа онлајн присуството на министерствата и веб платформата на Владата. Свои официјални веб страници во 2020 година имале сите 17 институции, а сите 17 биле активни на Фејсбук, осум на Твитер, а пет биле присутни на Инстаграм.
Новина е следењето по прв пат на активноста на владиниот кабинет на ЈуТјуб, каде во 2021 година биле присутни вкупно пет од 17 министерства. Само Владата, Министерството за надворешни работи и Министерството за политички систем се истовремено активно присутни со веб платформа, како и со свои акаунти на Фејсбук, Твитер, Инстаграм и ЈуТјуб. По прв пат нема случај кога некое министерство не нуди можност да биде контактирано од граѓаните преку социјалните медиуми, што претставува напредок споредено со 2020 година кога таква можност не нудеше едно министерство, а особено со 2019 кога оваа опција не ја обезбедувале дури пет министерства.
-Како земја се соочуваме со зголемена политичка апатија кај граѓаните, а особено тоа е евидентно помеѓу младите луѓе. Токму правилната активност на социјалните медиуми може да биде начин како да се привлечат младите да ги следат, но и да се вклучат во општествените активности. Социјалните медиуми се простор за интеракција, но мора да се сфати дека тие прераснуваат и во место каде се пријавуваат проблеми, даваат идеи и иницијативи – со еден збор тоа се места каде се обезбедува понепосредна демократија и можност за граѓаните, организациите и компаниите да се вклучат во процесите на одлучување. Зарем уште треба да се потсетуваме дека во ера на дигитализација, недозволиво е граѓаните кои сакаат онлајн да ги контактираат јавните институции, тоа да не им биде овозможено, истакнува Кордалов.
По изборот на нова Влада, од ИДУЕП најавуваат дека во текот на 2022 година ќе изработат дополнителна анализа за степенот на користење на социјални медиуми од страна на новиот владин кабинет.
Анализата е направена од јавно достапните податоци на социјалните медиуми во периодот помеѓу 22 и 29 декември 2021 година. Профилите/страните/каналите на социјалните медиуми кои се приватни, односно затворени или, пак, кои не се одржуваат или не биле одржувани подолго време не се земаат предвид во оваа анализа,