Шведска не финансира или вооружува терористички организации, изјави денеска премиерката Магдалена Андерсон, отфрлајќи ги турските тврдења и противењето на кандидатурата за членство во НАТО поради поддршка за курдските милитантни групи.
– Ние не испраќаме пари за терористички организации, се разбира, ниту оружје, истакна Андерсон на прес-конференција во Стокхолм.
Нејзините забелешки доаѓаат откако финската и шведската делегација започнаа денеска разговори со Анкара. Според неа, разговорите ќе обезбедат можност да се расчисти „конфузијата“ што кружи во врска со шведската Ð �оддршка за различни групи.
Турција се спротивстави на апликациите на Шведска и соседна Финска, особено Шведска, во врска со она што го смета за попустливост кон курдските милитантни групи во нордиските земји.
Стокхолм и Хелсинки ги поднесоа своите кандидатури за приклучување кон НАТО минатата недела, откако политичката и јавната поддршка за членство се зголеми по руската инвазија врз Украина. Турција, сепак, ги обвини Шведска и Финска дека дејствуваат како жаришта за терористички групи, а претседателот Реџеп Тајип Ердоган инсистираше на тоа дека Анкара нема да ги одобри кандидатурите на двете земји.