Градоначалничката на Скопје скоро и да нема ден и изјава каде не вели дека градот е во добра кондиција, ликвиден и состојба. Кога доаѓате на таква позиција треба да знаете што наследувате, што е ваша одговорност, освен што нудите програма. Таа имаше година и половина да ги сервисира долговите, знаеше дека има долгови, ги кажуваше и во самата кампања, изјави Марија Андоновска, советничка на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје за „Вин вин“ на Телма.

Таа посочи дека никој не знае дали градоначалничката ги сервисираше долговите.

Кога сме кај превозниците, Андоновска истакна дека ВМРО-ДПМНЕ не штити приватни превозници туку штити јавен интерес, градскиот превоз е јавен интерес кој во моментов го нема.

– Граѓаните во Скопје немаат квалитетен јавен градски превоз и тоа е проблем. Ние се обидовме тука да помогнеме и помогнавме колку што ни се ингеренциите во моментот. За долговите кон превозниците, градоначалничката прво велеше нема долгови, па има долгови, па немал градот, туку ЈСП, слушнавме се и сешто, рече Андоновска.

Таа нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ стои на располагање да помогне да се среди проблемот со јавниот градски превоз.

– За тоа да се направи треба да бидат и потранспарентни и поискрени. Луѓето мака мачат, се создава голем неред, автобусите доцнат или ги нема, изјави Андоновска.